Вести|

15 март 2022, Скопје – Во Буџетот за 2022 година, што е усвоен во Собранието, предвидено е задолжување од 600 милиони евра. Од нив 545 милиони евра се за покривање на дефицитот, планиран во Буџетот, а останатиот дел е за зголемување на депозитите што вообичаено се оставаат на крајот на годината за наредната година за резерви.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „24 Анализа“, потенцирајќи дека државата годинава ќе се задолжи 600 милиони евра.

Предвиденото задолжување, како што нагласи, можеби ќе се прави на надворешниот пазар, со оглед на актуелните состојби и движењата на надворешниот пазар, а со цел да се остават повеќе средства на домашниот пазар за економијата. Но, посочи дека не е исклучено дел да се направи на надворешниот, а дел на домашниот пазар.

Тој наведе дека се прават сите подготовки за издавање еврообврзница, којашто е планирана со Буџетот за 2022 година.

„Подготвено е сè. Се анализираат состојбите за да се излезе на пазарот тогаш кога ќе има најповолни услови, односно да се постигне најниска цена, со оглед на тоа што сега условите се сменети, како и каматните стапки, коишто за разлика од минатата година се повисоки. Ние како држава немаме проблем со ликвидноста, не се брзаме дека мора тоа да го направиме денес, утре. Чекаме најповолен момент и согласно експертските препораки, , тогаш да го направиме“, изјави министерот Бесими.

Рече дека тоа се прави со надворешните конзорциуми со кои се врши подготовката за издавање на еврообврзницата. Со нив и претходно беа спроведени успешни процеси, како и издавањето на еврообврзницата од минатата година со историски најниска каматна стапка.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window