Вести|

24 март 2022, Скопје – Поголема свесност за ризиците од користењето виртуелни средства, градење посеопфатна регулатива, како и одржливост и постојано надоградување на системот проследено со унапредување на капацитетите во целост со цел обезбедување превенција и навремено откривање на перењето пари и финансирањето тероризам беа заклучоците од завршниот настан на Проектот за унапредување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање, финансиран од Кралството Холандија, а имплементиран од Демокраси Лаб.

„Проектот има големо значење за зајакнувањето на капацитетите на Управата. Во рамки на истиот беа изработени индикатори за препознавање сомнителни трансакции поврзани со финансирањето тероризам, како и стратешки документи за проценување ризици од перењето пари и финансирањето тероризам кои претставуваат основа за понатамошно креирање посеопфатна национална легислатива за виртуелните средства и за давателите на услуги поврзани со нив. Притоа, од голема важност е носењето на Предлог-законот за спречување перење пари и финансирање тероризам чија цел е да го намали степенот на ранливост на националниот систем во справувањето со предизвиците што ги носат виртуелните средства, како и да создаде реални можности за заштита на платниот промет и стопанството во целост, а со тоа и на целокупниот економски-финансиски систем од ерозија“, истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.

Воедно, потенцира Николоски, во рамки на Проектот е имплементирана современа рестриктивната „subtech“ платформа на Управата за финансиско разузнавање наменета за субјектите што применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам согласно Законот, со што РС Македонија се издвојува меѓу државите од регионот и пошироко во препознавањето и користењето на новите технологии и искористувањето на придобивките од дигитализацијата при исполнувањето на регулаторните барања и меѓународните стандарди.

На настанот се обратија и директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп и извршниот директор на Демокраси Лаб, Сефер Селими.

„Со проектот се овозможи усогласување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам со препораките на ФАТФ во делот на крипто-средствата. Со новиот закон што допрва треба да се усвои ќе се усогласиме со шестата европска директива во делот на крипто-средствата, која наскоро треба да се донесе а потоа и да се имплементира од страна на ЕУ, што е во согласност со препораките на ФАТФ “, изјави директорот на Управата, Трендафилов.

Амбасадорот Јан Коп, како едни од најзначајните постигнувања на Проектот ги издвои подготвувањето анализа на ризик, компаративната анализа и препораките за регулирање на криптовалутите, воспоставувањето рестриктивна веб-страница за безбедна комуникација, ажурирањето на индикаторите за финансирање тероризам, стратешката анализа и организирањето регионална конференција со ФИО од целиот Западен Балкан.

На денешниот настан посебни излагања, низ призмата на оперативно-техничките активности во реализација на овој проект, имаа и претставници на Управата за финансиско разузнавање.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window