Вести|

1 април 2022, Скопје – Министерството за финансии ќе објави нов повик за проектот „Купи куќа, купи стан“ на кој заинтересираните граѓани ќе може да аплицираат за субвенциониран кредит за обезбедување нов дом. Информацијата за спроведување на проектот и негово продолжување во 2022 година со предлог да се објави нов повик беше усвоена на седница на Владата на РС Македонија.

Граѓаните ќе може да аплицираат за една од двете варијанти, и тоа за субвенционирање на ратата или за субвенционирање на учеството за купување стан или изградба на куќа, во деловните банки што се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“, откако ќе се објави јавниот повик.

Досега се одобрени вкупно 2010 барања за субвенциониран станбен кредит, а одобрените кредитите се во вкупен износ од над 73 милиони евра, а одобрените субвенции изнесуваат 18,3 милиони евра.

Од двата понудени модела, граѓаните повеќе го користеле моделот субвенција на рата за кој се одобрени 1486 барања, додека за субвенција на учеството 524 барања. Според намената, граѓаните повеќе го искористиле за купување стан, односно од вкупно одобрените барања 1676 се за купување нов стан, додека 334 се за изградба, купување, доградба или надградба на куќа.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира согласно Законот за субвенционирање станбен кредит, со неколку измени во критериумите, со цел да се помогнат семејствата, особено младите, да го решат сопственото станбено прашање.

Каматната стапка во првите три години од реализација на проектот изнесуваше 4,99%, а по истекот на тој период, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу за 10%. Потоа се унапредија условите за обезбедување сопствен дом, а најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување субвенциониран станбен кредит. За субвенционирање рата од кредит, во првите 3 години каматната стапка се намали од 4,99% на 2,9% годишно, а во наредните 2 години се намали од 5,5% на 3,9%. Во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намали и изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот.

Со реализацијата на проектот се постигна значајно унапредување на станбеното кредитирање и од страна на комерцијалните банки кои денес нудат станбени кредити со рекордно ниски камати и многу поволни услови. Дополнително, и периодот на фиксната каматна стапка која пред десетина години беше од една до две години, сега изнесува до десет години. Имајќи го предвид горенаведеното, целта на проектот е постигната и многу граѓани го решија сопственото станбено прашање.

Согласно усвоената информација на Владата, јавниот повик за 2022 година ќе биде воедно и последниот јавен повик во рамки на проектот „Купи куќа, купи стан“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window