Вести|

7 април 2022, Скопје – Ќе се зајакнуваат капацитетите на надлежните институции за водење на преговорите за пристап кон Европската Унија во рамки на поглавјето за економските критериуми. Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, денеска оствари средба со Мојмир Мрак, ангажиран од Секретаријатот за европски прашања како експерт за економските критериуми во склоп на процесот на пристапување кон ЕУ.

Економските критериуми се едно од темелните поглавја во пристапниот процес, кое сега, согласно последната методологија на ЕУ за проширување, исто така станува дел од преговарачкиот процес. Имајќи предвид дека поглавјето е комплексно и поврзано со повеќе економски поглавја, потребни се конкретни насоки како да се водат пристапните преговори во рамки на истото.

Заменик-министерот за финансии истакна дека подобрувањето на капацитетите за економско управување значи подобра координација на економските политики и постигнување на целите за конкурентна економија и нови работни места.

„Економските критериуми (копенхашки економски критериуми) што земјата треба да ги исполни за членство во Европската Унија се однесуваат на постоење функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата. Не секогаш беше јасно како ќе се води процесот на преговори за ова поглавје. Затоа поддршката од професорот Мојмир Мрак е повеќе од добредојдена. Министерството за финансии е координатор на процесот за подготовка на Програмата на економски реформи и, согласно оценката на Европската комисија, таа е меѓу најдобрите во регионот. Имајќи предвид дека Програмата е директно поврзана со исполнувањето на економските критериуми, ја цениме експертизата на професорот Мрак во делот на економските поглавја и економското управување. Особено ја цениме подготовката на водич со насоки за овој процес, којшто ќе ни овозможи подобро да се подготвиме за пристапните преговори во делот на економските критериуми, а од наша страна ќе се направи сѐ што е потребно за да се зајакнат капацитетите за таа цел“, нагласи заменик-министерот Николоски.

На средбата беа присутни и државниот секретар на Министерството за финансии, Јелена Таст, како и државниот советник во СЕП, Драган Тилев.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window