13 април 2022, Скопје – Министерството за финансии преку финансиската инспекција во јавниот сектор поефикасно и поефективно ќе ја врши контролата на користењето на јавните финансиски средства кај субјектите од јавниот сектор и на користењето на финансиските средства од фондовите на ЕУ. Тоа го предвидува новото законско решение за финансиска инспекција во јавниот сектор што на предлог на МФ го усвои Владата на вчерашната седница.
Со новото законско решение се проширува основот за поведување финансиска инспекција и по службена должност, во случаи на допрен глас или по добиени сознанија за основано сомнение за сторена неправилност, недостаток и/или сомневање за кривично дело во финансиското управување со јавните средства, како и со средствата од фондовите на ЕУ кај субјектите што се предмет на финансиска инспекција. Утврдено е дека нема да се спроведе финансиска инспекција во случај на поднесена анонимна пријава, со исклучок кога таа анонимна пријава ќе биде поткрепена со докази или има наводи за постоење основано сомнение за неправилност, недостаток или сомневање за кривично дело во финансиското управување со јавните средства, како и со средствата од фондовите на ЕУ кај субјектите што подлежат на финансиска инспекција.
Новиот Закон за финансиската инспекција во јавниот сектор предвидува и воведување акти со кои се изрекуваат мерки на субјектот во кој се врши финансиска инспекција за отстранување неправилност или недостаток, прекинување неправилност и враќање на средствата во Буџетот.
Меѓу позначајните измени е и зголемувањето на износот на глобата за раководителот на субјектот во кој се врши финансиска инспекција, како и воведување нови прекршочни одредби за сторени прекршоци со незаконско користење на средствата од фондовите на ЕУ и прекршоци сторени од физичко лице и одговорно лице во правно лице со оневозможување спроведување финансиска инспекција или непостапување по барањата на финансиската инспекција.
Потребата од носењето на новиот Закон е заради подобрување на ефикасноста и ефективноста на финансиската инспекција при вршење контрола на користењето на јавните финансиски средства од страна на субјектите од јавниот сектор и користењето на финансиските средства од фондовите на ЕУ, како и за надминување на слабостите во постојната регулатива, констатирани при практичното спроведување на Законот од страна на финансиската инспекција на Министерството за финансии.
Предлог-законот за финансиската инспекција во јавниот сектор е подготвен во соработка со експерти од твининг проектот „Зајакнување на функциите на буџетското планирање, извршување и внатрешна контрола“ финансиран од ЕУ, и беше доставен на мислење до Главниот директорат за буџет на Европската комисија (DG Budget).