16 април 2022, Скопје – „Растот на продуктивноста на една нација е централниот фактор за зголемување на реалните плати и животниот стандард“, рекол Пол Семјуелсон, таткото на модерната економија и добитник на Нобелова награда за економија. Друг нобеловец по економија, Џозеф Штиглиц, пак, ја поставил теоријата на маргиналната продуктивност, која вели дека „сите што учествуваат во процесот на креирање нова вредност, добиваат надоместок еднаков на нивната маргинална продуктивност, односно она што тие го внесуваат во процесот“. Или како што би рекол нобеловецот Кругман „Продуктивноста не е сè, но на долг рок, тоа е речиси сè“.
Продуктивноста, како фактор на растот, ја има во сите економски модели на раст. Во егзогените модели на раст таа е присутна во Коб-Дагласовиот модел преку коефициентот на вкупен фактор на продуктивноста, во Солоу моделот е изразена преку технолошкиот развој и во други модели, каде што како резултат на продуктивноста економскиот раст се зголемува во рамки на исти единици на капитал и труд. Потоа, продуктивноста е во основата и на сите ендогени модели на раст, како што се моделите на нобеловците Ромер, Лукас и други, кои сметаат дека инвестиции во човечки капитал, во иновации и знаење можат перманентно да генерираат економски раст, а притоа со соодветни економски политики можат да се поттикнат позитивните екстерналии во економијата.
Продуктивноста, во економијата, е мерка за крајниот производ, односно крајниот економски резултат, според единица вложен труд, капитал или други ресурси. Кога продуктивноста расте, растат и потенцијалната добивка, односно платите, корпоративниот профит и животниот стандард. Способноста на една земја да го подобри животниот стандард на своите граѓани, скоро целосно е условена од нејзиниот капацитет да го зголеми економскиот резултат по вработен. Продуктивноста е всушност изворот на економскиот раст и конкурентноста.
Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. Еден од нив е продуктивноста на трудот (labor productivity), според кој бруто-домашниот производ се дели со работните часови на сите вработени. Земји со најголема продуктивност на трудот во 2020 година, според податоците на ОЕЦД, се Ирска со 119,4 долари продуциран БДП по работен час, Луксембург со 111 долари, Данска со 87,9 долари, Белгија 87 долари, Норвешка 85,7 долари и Швајцарија со 91,6 долари. Во првите десет влегуваат и Франција со 79,8 долари, Австрија и САД со 79,6 долари и Шведска со 79,2 долари. Накусо, развиени и добростоечки економии.
Нашиот работник произведува двапати помалку од оној во ЕУ
Друг индикатор за мерење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светска банка, Република Северна Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со земјите од Западен Балкан, сите сме релативно блиску согласно овој индикатор. Имено, за истиот период Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долар, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во наша близина веќе се забележува поголема разлика, на пример Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската Унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.
Постојат многу фактори што влијаат врз продуктивноста на една земја, вклучително инвестициите во опрема, иновативноста, организацијата на синџирите на добавување, образованието, конкуренцијата итн. Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP) e индикаторот што го мери економскиот резултат според сите инпути што се користат за да се продуцираат тие стоки и услуги, како труд, капитал, енергија и материјали. Согласно овој индикатор, за време на пандемијата продуктивноста во Република Северна Македонија опадна за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот (разбирливо, со оглед на затворањата цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки). За споредба, кај другите земји од Југоисточна Европа, намалувањето во однос на преткризниот период е -2,6. Исто така, додека во регионот во постпандемискиот период овој индикатор станува позитивен (1,5), што покажува дека продуктивноста го достигнала и надминала нивото од пред пандемијата, кај нас тој сè уште е негативен, пред сè поради побавното опоравување на квантитетот и квалитетот на продуктивноста на трудот.
Кога ќе ја погледнеме големата економска слика, што ни кажуваат овие податоци? За да објаснам поедноставно, треба да ја замислиме целата економија како една работилница. Занаетчијата произведува производи што потоа ги продава. Има вештина и способност да изработи десет производи дневно. Во исто време во друга работилница друг занаетчија изработува дваесет производи дневно, бидејќи има подобри вештини, подобри алатки, користи иновативни начини за да работи побрзо. Тоа е соодносот на нашата економија во споредба со некоја развиена економија. Затоа, во развиените економии платите и животниот стандард се и пропорционално повисоки, наједноставно кажано. Кога на тоа ќе се додаде и квалитетот на изработката, иновативноста во технологии, организацијата и пласманот на производството, диспропорцијата станува уште поголема. Ова е економската логика за зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард – тој што ќе произведе и продаде најмногу производи тој и ќе живее најдобро.
Човечки капитал: Оттука започнува продуктивноста и растот
Како до подобри плати и животен стандард? Преку раст на продуктивноста. Преку носење соодветни политики треба да се делува кон структурните фактори, кои, пак, ќе придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на продуктивноста на трудот и подобро користење на капиталот и ресурсите. Капиталот се гледа преку вложувањето во инфраструктурата, дигитализацијата на процесите, иновативноста, но пред сè преку вложувањето во човечки капитал.
Во однос на вложувањето во трајни добра, во инфраструктурата, преку една амбициозна агенда – Планот за забрзување на економскиот раст, доста сум пишувал. Сега повеќе би се посветил на човечкиот капитал, бидејќи оттука сè започнува.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал е од исклучително значење за поодржлив и поинклузивен економски раст и развој, раст на продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението. По дефиниција, човечки капитал претставува количината на образование, знаење, вештини и здравје во кои луѓето инвестираат и ги акумулираат во текот на животот, што им овозможува да го реализираат својот целосен потенцијал и да бидат продуктивни членови на општеството. Оттука, човечкиот капитал е најважниот ресурс за една земја, кој ги комбинира другите фактори на производство, односно физичкиот капитал. Инвестирањето во човечки капитал влијае врз вкупните идни приходи. Истражувањата покажуваат дека една дополнителна година школување ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво.
Квалитетот на човечкиот капитал на Република Северна Македонија е подобрен од 0,54 на 0,56 помеѓу 2010 и 2020 година, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка. Сепак, и ова ниво е доста ниско бидејќи означува дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека просекот во ЕУ е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Во оваа колумна ќе се фокусирам на образованието во интерес на јавната дебата и економско-социјалниот дијалог, којшто овие денови се води меѓу Владата и синдикатите во образованието и во кој е директно вклучен премиерот со неколку министри. Градењето човечки капитал значи инвестирање и унапредување на образованието, здравството и социјалната заштита, како и на општото економско и социјално окружување. Сите овие области се исклучително важни и комплексни, покрај образованието, без квалитетни здравствени услуги и социјална заштита не може да се очекува дека продуктивноста ќе го достигне оптималното ниво. Но, со оглед на ограничениот простор на оваа колумна, за тоа ќе пишувам во некоја друга прилика.
Образование: 11 години во клупа кај нас ∼ 7 години во развиени земји
Како што е случајот во повеќето земји, неповолните образовни состојби во голема мера се заслужни за загубата на продуктивноста. Во системската анализа на земјава, Светска банка наведува дека недостатоците на човечкиот капитал во Република Северна Македонија започнуваат уште од предучилишното образование, па следува задолжителното образование, сè до транзицијата од училиште до вработување. Децата кај нас до својата 18 година се очекува да посетуваат 11 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години. Ова значи дека нашите деца губат 3,7 години во училишните клупи, во однос на она што треба да го научат и го научиле. Дополнително, процентот на пристап на децата до образованието кај нас, од предучилишно до високо образование, отстапува во однос на просекот во Европската Унија.
Образовниот систем не секогаш успева да обезбеди квалитетно образование, што е на штета на креирањето човечки капитал, а понатаму и на штета на продуктивноста и на животниот стандард на една нација. Според тестирањето ПИСА 2018 (кое, патем, покажа подобри резултати во однос на 2015 година), перформансите на нашите ученици остануваат под просечниот резултат на земјите од ЕУ и земјите од регионот. Според истиот извештај, половина од 15-годишниците кај нас немаат основно познавање во трите домени наука, математика и читање.
Потребен е стратешки пристап за решавање на ова прашање, кое Владата го адресира преку Стратегијата за човечки капитал. Пред сè, потребно е учениците да бидат во училиштата, каде што им е и местото. Понатаму, потребна е квалитетна настава, развој и подобри квалификации на наставниците, унапредување на системот за професионален развој на наставниот кадар на сите нивоа на образование, а секако и задоволување на професионалните и поединечните потреби на наставниците. Механизмите за обезбедување квалитет се од суштинско значење за да се обезбеди квалитетна настава и добро владеење на ниво на образовните институции и на ниво на систем. Ефективното обезбедување квалитет бара соодветно и редовно следење на резултатите на учениците и перформансите на образовните институции, но воедно и механизми за поддршка со што ќе им се помогне да се справат со предизвиците со кои се соочуваат.
Плати, цени и инфлација: Која закана ја крие инфлаторната спирала
Тука повторно се враќаме на релацијата човечки капитал – плати – продуктивност. Што всушност е и еден вид маѓепсан круг којшто секогаш се повторува. Мислам на еднонеделниот штрајк на дел од образовните работници кои бараат линеарно зголемување на платите, како резултат на покачувањето на минималната плата на 18.000 денари.
Имено, јасно е дека како Влада се залагаме за зголемување на сите плати во земјава или, поточно, за подобрување на животниот стандард како програмска определба. Што се огледа и по растот на просечната плата изминативе 5 години за околу 30% и покрај тоа што минатите две години светската економија, вклучително и нашата, се соочува со една од најострите и најголемите економски кризи што му се случиле на светот. Пред сè, ако погледнеме само неколку години наназад, на ниво на цела економија минималната плата изнесуваше околу 9.000 денари, или околу 40% од просечната плата, што укажува на голем јаз помеѓу платите, со оглед на тоа дека вработените со минимална плата се околу 15-20% од вкупниот број вработени. Етапното покачување на минималната плата има многу економски, но и социјални придобивки, што резултира со подобрување на животниот стандард на околу 150 илјади наши граѓани и нивните семејства.
Создадовме и реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Исто така, поставивме репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. Зборуваме за платите и во јавниот и во приватниот сектор. Нашата посветеност како Влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор. Од друга страна тој треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, кое, пак, треба да биде конкурентно и да постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и квалитет на живот на граѓаните. Со други зборови, платите во јавниот сектор треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор. и да придонесат преку зголемување на нивниот квалитет. Инаку, во економската теорија секое зголемување на платите без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, што во услови на ценовни притисоци може дополнително да ја подгрее инфлацијата. Според анализите на Министерство за финансии, во нашата економија коефициентот на корелација на платите и инфлацијата изнесува меѓу 0,37-0,44, т.е. зголемување на платите за 1% ќе генерира инфлација од околу 0,4%.
Сепак, треба да ги видиме и околностите и барањата на дел од јавните работници, меѓу нив и дел од образовниот кадар во градинките и училиштата. Треба да е јасно дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90% и линеарно зголемување на платите за скоро 20% во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во целиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала.
Ќе се обидам да објаснам како функционира инфлаторната спирала. Се соочуваме со глобален тренд на раст на цените. Покачувањето на цените е резултат на раст на увозните цени на енергенсите и храната на глобалните пазари. Понудата е помала од повеќе причини, меѓу кои и војната во Украина, и цените растат. Во вакви услови, кога во економијата ќе пуштите повеќе пари во оптек, како што е случајот преку висок раст на платите, несоодветен со растот на продуктивноста, ќе дојде до нов притисок од страна на побарувачката. Зголемувањето на побарувачката, поради поголемата количина пари, дополнително ќе ја подигне цената на производите. На пример, на аукција тројца се наддаваат за еден предмет, предметот ќе го добие оној што ќе плати највисока цена за него и на крај предметот чија почетна цена била 100 денари ќе заврши со цена значително повисока од првичната и можеби економски оправданата. На крајот, остар раст на платите, без економска поткрепа, без соодветен раст на продуктивноста, ќе ги обезвредни сите плати. Во оваа насока ќе додадам дека за да се намалат инфлаторните очекувања, веќе и централните банки почнаа постепено, но веќе конкретно, да ги зголемуваат каматните стапки, односно да ги поскапуваат парите. Тоа може да биде дополнителен предизвик да се избегне стагфлација, односно стагнирање на економскиот раст додека цените продолжуваат да растат, што со економски речник кажано тоа е полошо од инфлација.
Никој не вели дека платите во образованието не треба да растат. Треба да растат и ќе растат. Изминатите години веќе имаше неколку покачувања и во образованието и во детската грижа. Како министер за финансии прв велам дека една од најважните инвестиции е инвестицијата во образованието. И не само во образованието. Треба да растат и платите во здравството и во културата и во одбраната и во безбедноста… Но, треба да испорачаме и економски резултат, да станеме свесни за глобалната ситуација и кон што ја туркаме економијата. Значи тука е примарно економијата да застане на здрави нозе.
Она што понатаму треба а и веќе нè загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега неоправдано губеа по 3,7 години во училишните клупи – да не дозволиме дополнително да губат и од ова. Од нивната идна продуктивност зависи и иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето солиден и здрав систем каде што сите додаваме вредност е единствениот систем што може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно. Притоа сите подеднакво треба сериозно да си ја сфатиме задачата.
Како што беше најавено од страна на Владата, по состанокот со синдикатите од образованиот сектор, во наредните денови ќе следат решенија што ќе бидат во интерес на изнаоѓање одржливо решение за подобар стандард на наставниците. Во исто време, тоа треба да биде проследено со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а на тој начин и зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што ќе доведе до повисок животен стандард на граѓаните.
Пост скриптум: Година на енергетска криза и инфлација
Сè ова се случува во период на светска енергетска криза и инфлација со која сме сериозно погодени и ние како мала и отворена економија. Светската економија сè уште не е целосно заздравена од ефектите од пандемијата на КОВИД-19, а на овие турбулентни времиња на енергетска криза дополнителен „бензин во огнот“ е војната во Украина што уште повеќе ја зголемува неизвесноста на светската економија, особено на европскиот континент од кој сме дел и ние. Тоа создава несигурност и ги нарушува глобалните синџири на производство, како и снабдувањето со основни прехранбени производи и енергенси. Неизвесноста што генерира пораст на цените на светските берзи, се пресликува и во финансиските пазари и ги зголемува каматните стапки, го забавува (со ризик за стагнирање) растот, ги зголемува фискалните дефицити во буџетите и јавниот долг на земјите. Ова е време на големи неизвесности, всушност е време и на нови геостратешки позиционирања на светско ниво, што за нас не е сеедно, ние сме дел од НАТО, настојуваме да бидеме дел од ЕУ и во оваа геостратешка арена јасно сме позиционирани на страната на демократските вредности на Евроатлантската алијанса и развиените демократии на Европа. Ако ја гледаме големата слика, работите стануваат појасни!
Фатмир Бесими, министер за финансии