Вести|

20 април 2022, Скопје – Влијанието нa конфликтот во Украина врз економијата во глобални рамки, како и ценовната и енергетска криза ќе бидат главните теми на кои ќе се разговара на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, што оваа недела се одржуваат во Вашингтон, а на кои ќе учествува делегација од РС Македонија предводена од министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народна банка на РС Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во рамки на Пролетните средби во Вашингтон, министерот ќе оствари повеќе состаноци со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции, меѓу кои со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, шефот на мисијата на ММФ за РС Македонија, Бергљот Бјорнсон Баркбу, регионалниот претставник за Западен Балкан, Штефани Ебле, директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер, како и со извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка, Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и со директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.

За време на престојот во Вашингтон, министерот Бесими ќе се сретне и со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а ќе има состаноци и со претставници на Трезорот на САД.

Министерот за финансии на средбите ќе ги истакне клучните среднорочни приоритети на Владата насочени кон остварување одржлив раст и реформите што се преземаат во таа насока, но и краткорочните коишто произлегоа од актуелната ценовна и енергетска криза, засилена со конфликтот во Украина, како и евентуалните потреби за поддршка.

Приоритетите на РС Македонија годинава се насочени првенствено кон обезбедување ценовна стабилност со цел одржување макроекономска и финансиска стабилност. Во таа насока беше донесен сет од 26 мерки во вкупна вредност од 400 милиони евра насочени кон поддршка на животниот стандард на населението, на ликвидноста на компаниите и финансиска поддршка на компаниите преку Развојна банка. Иако кризата наметна краткорочно потребите да се насочат кон одговор на ценовната и енергетската криза, на среден и долг рок останува определбата за фискална консолидација, во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и остварување стапки на економски раст кои поради кризата претрпуваат надолна ревизија, но важно е дека остануваат позитивни. Во вакви кризи од големо значење се темелни анализи и дизајнирање мерки што ќе одговорат на она што е итно, како и структурни реформи на среден рок со цел во иднина да се обезбеди постабилен раст на економијата и да се создаде механизам што ќе овозможи полесно надминување на евентуално нови кризи кои бараат одговор во краток рок.

Годинашните Пролетни средби, првпат по две години се одржуваат со физичко присуство, односно во хибриден формат, и на едно место ќе бидат присутни министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис-заедницата, на невладиниот сектор и експерти кои ќе дебатираат на актуелни прашања што се од интерес за целиот свет, за предизвиците со кои се соочува и можностите за нивно надминување.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window