22 aприл 2022, Скопје – РС Македонија упати барање до Меѓународниот монетарен фонд за користење двегодишна линија за претпазливост и ликвидност. Оваа кредитна линија е достапна за земјите членкисо здрави економски основи, а се користи за неизвесни ситуации како што е во моментов економската криза како резултат на инфлацијата и енергетската криза особено по војната во Украина. Ова го најави министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за Сител од Вашингтон, каде што учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.
„ММФ минатата недела нè квалификува како земја која може да користи таква кредитна линија, што е исклучително позитивен резултат во однос на нашата позиција, како земја, на финансиските пазари. Тоа значително ја менува нашата ситуација на пазарот во полза на нашата економија, со оглед на тоа дека сега заради инфлаторните очекувања каматните стапки се зголемени на финансиските пазари. За да се процесира оваа линија, ќе следи официјален процес на барање“, истакна министерот Бесими.
Тој потенцира дека во следниот период ќе има мисија на ММФ во нашата земја при што ќе се дефинираат деталите за искористување на програмата.
Притоа информира дека каматната стапка ќе изнесува околу 1 процент и истата е исклучително пониска од моменталната при издавање еврообврзница на меѓународните финансиските пазари.
„Ова се значително поповолни услови за нас, во смисла на искористување на овие средства со цел поддршка на Буџетот. Воедно, дел од средствата од оваа програма се користат за претпазливост, што значи дека ние ги имаме тие средства, но не ги користиме туку ни служат за зајакнување на нашата позиција на финансиските пазари“, прецизира тој.
Оваа кредитна линија достапна за земјите членки со здрави економски основи, политички рамки и политики може да помогне во заштита на економиите од надворешни шокови преку обезбедување пристап до ресурсите на ММФ однапред.
Во однос на ребалансот на Буџетот, Бесими најави дека дополнително ќе се скратат непродуктивните трошоци.