Вести|

23 април 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими ги завршува Пролетните средби со препорака за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност на Меѓународниот монетарен фонд. Станува збор за финансиски инструмент кој ММФ го доделува единствено на земји со здрава економија, што имаат позитивни оценки за економските политики и очекувања дека тие ќе продолжат и во иднина, вклучително и макроекономска и финансиска стабилност.

Во услови на глобални предизвици, кога како резултат на војната во Украина растат ценовните притисоци а се намалуваат очекувањата за раст на светската економија, овие средства ќе бидат значајна ликвидносна поддршка за нашата економија којашто има здрави перформанси. Со нив ќе се пружи поддршка за стопанството и граѓаните, односно ќе се насочат кон решавање на ценовната и енергетската криза, поддршка на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата.

Обезбедувањето на оваа линија е и во насока на заложбите на Владата за финансирање по најниски можни трошоци.

За време на Пролетните средби министерот најави дека ќе се направи реструктурирање на Буџетот. Истакна и дека сè уште не е дефинирана прераспределбата на средствата, но едно е јасно – дека тие ќе се насочат за поддршка на граѓаните и на стопанството со цел надминување на предизвиците што ги наметнуваат глобалните движења.

Конечните проекции за БДП за 2022 година ќе се знаат по завршувањето на анализите на Министерството за финансии, на кои сè уште се работи. Во новите проекции ќе се земат предвид и најновите пролетни проекции на ММФ што излегоа пред неколку дена.

Бесими посочи дека на среден рок фокусот ќе биде ставен на постигнување одржлив економски раст, енергетска сигурност на долг рок, засилени инвестиции во човечкиот капитал, како и спроведување на структурните реформи.

Министерот Бесими, во рамки на Пролетните средби, имаше средби со високи претставници на Светска банка и ММФ, меѓу кои потпретседателката на Светска банка, Ана Бјерде и директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, но и со Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, и со високи претставници на Трезорот на САД. Во рамки на овие средби беше истакнато значењето на евроинтеграцискиот процес за понатамошниот развој на нашата земја, но и за стабилноста во регионот, како и за можноста за продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД во земјава. Министерот на средбата со претставниците од Трезорот на САД ја истакна и важноста од потпишување Договор за заедничка промоција и заштита на инвестициите, со којшто би се овозможило зголемување на приливот на странските директни инвестиции од САД во нашата држава.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window