Вести|

23 април 2022, Скопје – На средбите со извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка, Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи беа разгледани мерките и политиките што ги спроведува земјата за справување со енергетската и ценовната криза, можностите и потребите за поддршка при реализација на тие мерки, како и плановите за враќање на патеката на економски раст.

„Конфликтот во Украина, неговото времетраење и неизвесноста што ја наметнува влијае врз економијата на нашата земја, како и врз цените на основните прехранбени производи и на енергенсите, кои и претходно бележеа раст. Владата навремено одговори преку пакет-мерки во износ од 400 милиони евра, средства обезбедени од Буџетот, но несомнено одолжувањето на кризата врши дополнителен притисок и наметнува потреба од дополнителни финансиски средства“, рече министерот Бесими, кој ги финализира договорите околу користењето на инструментот Макрофинансиска поддршка од Европската комисија како и финансиска поддршка од ММФ, коишто ќе испратат силен сигнал за понатамошно продолжување на добрите макроекономски политики.

Тој потенцира дека Владата на среден рок останува посветена на структурните реформи, на забрзување на економскиот раст и на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Несомнено е дека економските последици од војната во Украина влијаат врз проекциите и на истите е извршена надолна ревизија, следејќи го трендот на ревизија на проекциите на глобално ниво. Притоа, Планот за забрзан економски раст, воспоставен минатата година од страна на Министерството за финансии и усвоен од Владата, е добар патоказ за постигнување на нашите среднорочни цели, и истиот е позитивно оценет и од Светска банка.

На средбите беше презентиран Планот со сите негови елементи, вклучувајќи ги и инструментите што треба да бидат воспоставени. Групацијата Светска банка, ЕБОР, ИФЦ и МИГА покажаа интерес околу можностите за нивно вклучување и поддршка на активностите што произлегуваат од Планот.

Зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технологијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на инфраструктурата се приоритети утврдени од страна на Владата и вградени во Планот за забрзан економски раст. Светска банка останува активно вклучена во реализација на активностите во РС Македонија, коишто се дефинирани во тековната Стратегија на Светска банка, но и продолжува со детални анализи на поодделни сектори кои ќе се отсликаат во новата дијагноза за земјата и од кои ќе произлезат фокусираните области на соработка. Секако, горенаведените приоритети ќе бидат вградени во новата четиригодишна Стратегија на Светска банка.

Министерот Бесими заедно со претставниците на СБ ги разгледа и образложи сите проекти што се дел од портфолиото и изрази увереност за нивна успешна понатамошна имплементација.

Од страна на Светска банка, на средбата беше покрената и иницијатива за доделување нови средства во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), со цел институционално зајакнување на општините и за проекти за заштита на животната средина, за што беше изразен позитивен интерес од наша страна. Досега, преку МСИП се повлечени над 90 милиони евра за проекти на општините.

Светска банка во Република Северна Македонија активно работи на повеќе проекти проценети на близу 500 милиони американски долари. Нивната реализација и забрзувањето на динамиката при изведувањето на дел од нив, исто така, беше тема на состанокот. Меѓу нив се Проектот за надградба и развој на патиштата, воспоставувањето Интегриран информациски систем за управување со јавните финансии, Проект за поврзување локални патишта, Проект за администрација за социјално осигурување, Проект за подобрување на основното образование, Проект за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот за одговор при итни случаи за ковид-19.

Република Северна Македонија има континуирана поддршка од Светска банка која е активна во земјава од 1993 година и досега има обезбедено поддршка од над 2,8 милијарди американски долари во реализација на 65 проекти.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *