Вести|

24 април 2022, Вашингтон – Добрите економски политики и економската стабилност ја квалификуваат Република Северна Македонија за користење на инструментот на ММФ за претпазливост и ликвидност, којшто се доделува исклучиво на земјите со здрави економски фундаменти. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, директорката Кристалина Георгиева, министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народна банка на РСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, што се одржа во рамки на Пролетните средби во Вашингтон. Ова е прва официјална средба помеѓу министер за финансии на земјава и директор на ММФ изминатите години, што ја покажува поддршката на оваа меѓународна институција за нашата земја.

Неделава, ММФ објави дека Георгиева пред Бордот на ММФ ќе го претстави барањето на Република Северна Македонија за користење на Линијата за претпазливост и ликвидност (Precautionary and Liquidity Line – PLL). Оваа линија, како што се наведува и на веб-страницата на Фондот, е наменета исклучиво за земји што имаат здрава економија и здрави економски политики. Само земји со позитивни оцени од последната мисија на ММФ може да се квалификуваат за користење на овој инструмент. Дополнително, Фондот врши и оцена на стабилноста на економските политики што ги практикуваат Владата и монетарните власти, како и финансиската стабилност и статистичките податоци што се објавуваат.

За време на средбите, министерот Бесими посочи дека фокусот на фискалната политика во претстојниот период ќе биде во насока на поддршка на стандардот на граѓаните и на стопанството, согласно предизвиците што ги наметнуваат ценовната и енергетската криза. На среден рок, определбата на Владата е насочена кон постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *