Вести|

10 мај 2022, Тирана – Итно отпочнување на процесот за членство на нашата земја во Европската Унија, зголемување на регионалната соработка, реализација на клучните инфраструктурни проекти како што се патниот дел од Коридорот 8, транзицијата кон зелена економија, како и обезбедување политичката стабилност како еден од клучните фактори за привлекување инвестиции, беа дел од суштинските пораки на заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на Економскиот форум што се одржува во Тирана (Tirana Еconomic Forum). На Форумот, од страна на говорниците на панел-дискусиите, беше истакнато дека прогресот на РС Македонија и Албанија е јасен и затоа мора што побргу да отпочнат пристапните преговори на двете земји за членство во ЕУ. Воедно беше потенцирано дека историјата пред и по 24 февруари е значително сменета и доколку изостане одлуката за старт на преговори, ЕУ ќе го отвори патот до дестабилизација, затоа проширувањето на ЕУ е нужно. Во услови на енергетска криза, исто така, важно е да се развијат партнерства во регионални рамки.

„Нашиот прв приоритет е обезбедување ценовна стабилност како клучен фактор во обезбедувањето макроекономска и финансиска стабилност. За таа цел Владата на РС Македонија донесе сет од 26 мерки во вкупна вредност од 400 милиони евра со цел заштита на животниот стандард на населението и ликвидноста на компаниите, како и за финансиска поддршка на компаниите. На среден и долг рок наш приоритет е остварување стапки на раст од 5 проценти годишно, како и фискална консолидација во насока на намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг“, потенцира Николоски.

Притоа од голема важност е одржување политичка стабилност.

„Честите избори се лоша порака за инвеститорите. Потребен е континуитет во спроведување на политиките и проектите коишто се клучни за развојот на нашата држава“, истакна заменик-министерот за финансии.

Еден од клучните проекти што ќе почне да се реализира годинава е дел од патниот Коридор 8 со чијашто изградба ќе се заокружи изградбата на паневропскиот коридор и ќе се овозможи подобра поврзаност на РС Македонија, Албанија и Бугарија со останатите држави.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window