Вести, Колумни|

15 мај 2022, Скопје – Со примени три дози вакцина, минатата недела се тестирав и бев позитивен на ковид, по што поминав една недела во изолација дома, кога ја напишав и оваа колумна, а благодарение на технологијата немаше застој во работењето и сите планирани состаноци ги реализирав виртуелно. Комплименти до вработените во Министерството за финансии, кои цело време беа на ниво на задачата, како и до раководството со кои функционираме како еден тим. Но, поентата ми е на еден друг аспект. Ние веќе се соочуваме со друга криза, енергетска, како и со инфлација и големи неизвесности на пазарите од војната во Украина, а сѐ уште не е завршена претходната, односно ковид-19 сѐ уште е присутен. Значи имаме преклопување на кризи, една врз друга, што во кумулатив ја прави состојбата да биде една од најтешките после Втората светска војна.

 

Преклопување на кризи, една врз друга

Афтершок – потрес, ефект од претходен голем потрес или подобро кажано преклопување на кризи – една врз друга. Oва најдобро го опишува она што се случува со светската економија сега. Тоа е афтершок на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, дополнително стимулиран од геополитичките случувања што кулминираа со војната во Украина. Кризата предизвикана од ковид-19 е најголемата економска криза со која се соочил светот по Големата депресија. Сепак, светската економија многу брзо успеа повторно да застане на нозе. По падот на глобалната економија од -3,1% во 2020 година, во 2021 следеше брзо опоравување со робустен раст на бруто домашниот производ од 6,1%. Благодарение на бескомпромисниот, силен одговор на носителите на политиките, светот успеа да ја преброди оваа криза многу побрзо и поефективно во споредба со глобалната финансиска криза. На развиените и економиите во развој им требаше само една година да се вратат на нивото од пред кризата, за разлика од периодот на глобалната финансиска криза, кога иако ударот беше послаб, таа подолго траеше.

Но, додека светот и економијата успешно заздравуваа од пандемијата, се појави нова закана – афтершок. Како резултат на забавувањето или целосното запирање на економската активност, дојде до намалување на понудата на стоки и услуги на светските пазари. При повторното отворање на економијата, понудата не успеа да одговори на брзорастечката побарувачка и како резултат на тоа дојде до раст на цените на светските берзи, особено на енергијата и на некои од примарните производи. Секако, има и други чинители што придонесоа кон ова. Имаше повеќе регионални случувања што придонесоа за појава на кусоци на енергија, вклучително и залагањата на Европската Унија за намалување на емисиите на CO2.

Растот на цената на енергијата на светските берзи, како и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци, кои преку меѓународните пазари се прелеаја во националните економии. Овие притисоци својата кулминација ја забележаа по почетокот на руската инвазија на Украина, имајќи го предвид значењето на Русија и Украина во европските и светските синџири на добавување. Европа речиси 40 отсто од природниот гас и 25 отсто од нафтата ги набавува од Русија, додека третина од светскиот извоз на пченица, петтина од извозот на пченка и 80% од извозот на сончогледово масло за јадење доаѓа од Русија и Украина.

Сето ова резултираше со раст на стапките на инфлација, кои во многу економии рушат рекорди поставени пред неколку декади. Според Меѓународната организација за труд (ILOSTAT), годишната стапка на инфлација глобално, мерена преку индексот на цени (CPI), во март се искачи на 9,2% што е раст во споредба со февруари кога истиот изнесуваше 7,5%, во јануари 6,8%, додека во декември 2021 година изнесуваше 6,4%. За потсетување, во изминатата декада стапката на инфлација беше константно ниска, дури и прениска, па за некои централни банки беше предизвик да ги достигнат таргетите. Очекувањата на Меѓународниот монетарен фонд се дека кај развиените економии стапката на инфлација годинава во просек ќе изнесува 5,7%, додека кај земјите во развој 8,7%, или за 1,8 и 2,8 процентни поени повисоко во однос на проекциите од јануари годинава.

Истовремено, со растот на ценовните притисоци, поттикнати пред сè од растот на цените на енергенсите, храната и некои други примарни производи, се влошуваат изгледите и за раст на глобалната економија. ММФ очекува глобалниот раст да забави, и тоа од 6,1% раст на БДП во 2021 на 3,6% во 2022 и 2023 година. Ова е надолна ревизија за 0,8 и 0,2 процентни поена во однос на јануарската проекција, односно по почетокот на војната во Украина. Сепак, основното сценарио е дека и годинава економијата ќе биде во позитива, како што е впрочем и случајот со афтершокот, којшто е помал потрес од првичниот.

 

Неизбежниот триаголник за носителите на економските политики

Војната во Украина наметна една битна дилема за носителите на политиките. Од една страна е справувањето со инфлацијата, а од другата страна е да не се задуши закрепнувањето на економијата. Исто така, од една страна се мерките и поддршката на ранливите категории, а од друга страна зајакнувањето на фискалните бафери, консолидација и стабилизирање на долгот.

Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка советуваат дека фискалната политика треба да се прилагоди согласно степенот на изложеноста на економијата кон војната во Украина, состојбата со пандемијата и текот на закрепнувањето на економијата. Од една страна, поради неопходната фискална експанзија во многу земји во текот на пандемијата, долгот достигна рекордно високо ниво. Исто така, како резултат на реакцијата на централните банки на ценовните притисоци преку затегање на монетарната политика, владите се соочуваат со високи каматни стапки на пазарите на капитал. Сепак, потребата за консолидација не треба да ги спречи владите да дадат приоритет на соодветните мерки за поддршка на стандардот на ранливите категории граѓани, особено чувствителни на ценовните притисоци и заштита на економијата.

Соочени со кризи, една по друга, а справени со предизвикот да не отстапиме од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на овие три цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација. Притоа, кризата бара брзи реакции и создава дополнителни трошоци за Буџетот, додека одржувањето на растот бара конзистентни политики и реформи што ќе дадат ефект на долг рок, а фискалната консолидација е conditio sine qua non на среден рок.

Од аспект на управувањето со јавните финансии за остварување на целите од неизбежниот триаголник, се пристапува од трите страни на Буџетот: на страната на расходите со кратење и реприоритизација, на страната на приходите со реформи за поголема ефикасност и консолидација и на страната на финансирањето со одржливи инструменти.

 

Ребаланс: Средства за нови мерки и кратења секаде каде што може да се крати

Нашата економија, како мала и отворена (со 140% од БДП отвореност), е подложна на глобалните економски случувања, особено на случувањата во економијата на ЕУ. Руско – украинската криза, посредно, преку европската економија се рефлектираше и кај нас. Каналот преку кој веќе се чувствува оваа криза е растот на цената на примарните производи, особено на храната и на енергенсите. Имено, инфлацијата во април ја забележа својата највисока стапка (10,5%) од почетокот на деведесеттите години наваму. Другите канали преку кои оваа криза може да делува врз нашата економија се трговијата, намалувањето на довербата кај потрошувачите, а со тоа и на потрошувачката и затегнувањето на меѓународните финансиски пазари. Согласно ова, и очекувањата за овогодишниот раст не може да кореспондираат на проектираниот раст на БДП во Буџетот за оваа година, кој беше донесен пред случувањата во Украина и изнесуваше 4,6%. Очекувањата на меѓународните финансиски институции за годинава за нашата економија се движат околу 3% раст на БДП во просек (ММФ со проекција од 3,2%, ЕБОР со проекција од 3% и Светска банка од 2,7%). Каков ќе биде исходот, сепак, ќе зависи исклучиво од тоа што ќе се случува понатаму во Украина, какви нови санкции ќе се наметнат на Русија и како сето тоа ќе се рефлектира на нашите најголеми трговски партнери од ЕУ.

Сепак, едно е јасно, потребно е реструктурирање на Буџетот за да може соодветно да се одговори на новонастанатата ситуација. Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со огледот на ситуацијата, најверојатно повторно ќе бидат потребни.

Од почетокот на кризата, одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред сè, да ја задржиме економијата на здрави нозе и да ја надминеме оваа криза, а потоа да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме – повисоки и одржливи стапки на економски раст.

 

Финансирање на дефицитот и консолидација на среден рок

Ќе додадам дека нашата заложба за фискална консолидација останува. На среден рок, по надминување на кризата и целосно заздравување на економијата, фискалниот дефицит ќе се стеснува постепено, за да не го задушиме растот, за да се сведе околу нивото пропишано со Мастришкиот критериум.

Во оваа насока се и најавите за тековното финансирање на дефицитот преку инструменти што носат најнизок трошок за нас. Како што спомнав и погоре, цената на капиталот на пазарите допрва ќе расте како резултат на понатамошното затегање на монетарната политика во настојување да се намалат инфлаторните очекувања и да се стабилизираат стапките на инфлација. Европската централна банка дискретно најави зголемување на основната каматна стапка од јули, додека Федералните резерви на САД, Банката на Англија и повеќе централни банки во Европа во неколку наврати ја зголемија основната камата. Оттаму, иако во првичната конструкција беше планирано Република Северна Македонија да излезе со еврообврзница, имајќи ги предвид случувањата на пазарот на капитал (Хрватска во април издаде еврообврзница на 1,25 милијарди евра на 10 години со купонска камата од скоро 3%), сепак одиме на финансирање преку наменски инструменти на меѓународните институции.

Кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ (PLL) е во насока да се обезбедат средства по најнизок можен трошок, што воедно е позитивен сигнал во финансиските пазари. Тоа е признание за нашата економија дека таа е стабилна и заснована на здрави макроекономски фундаменти, бидејќи Фондот ја доделува оваа линија само на здрави економии. Имено, при самиот процес на одобрување на овој инструмент, освен што земјата треба да има позитивни оцени при последната мисија на Фондот, исто така дополнително се врши оцена на монетарната политика, на фискалната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, како и на соодветноста на статистичките податоци. Доколку по која било од овие категории земјата има значителни ранливости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент.

Исто така се планира обезбедување средства и преку наменските проектни кредити од Светска банка и ЕБОР. Сите овие инструменти и линии се многу поповолни извори за финансирање, поевтини од тековните услови на меѓународниот пазар на капитал, на кој веројатно ќе треба да пристапиме со еврообврзница. Притоа, внимателно ја следиме висината на јавниот долг на среден и на долг рок, неговата одржливост и, секако, намената на средствата. Позајмените средства треба да се насочуваат во приоритетните области за економски развој (за кои зборувам подолу), со што ќе генерираат позитивни мултипликативни ефекти врз домашната економија.

 

Стратегија за подобрување и на приходната страна на Буџетот

Во насока на спроведување на фискалната консолидација, по пребродување на кризата, освен на расходната ќе се делува и на приходната страна преку спроведување на Стратегијата за даночни реформи. Главна цел на оваа стратегија е да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, со современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.

Оваа стратегија содржи пет приоритети. Првиот се однесува на поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Од ова се очекува новодизајниран модел за праведно оданочување. Понатаму, втор приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, како и намалување на заостанатите даночни обврски. Трет приоритет е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги и дигитализација на процесите. Четврти приоритет е подобар квалитет на услугите, а петти приоритет е воведување еколошко („зелено“) оданочување со цел стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и/или активностите што придонесуваат за загадување.

 

Кризата како можност: структурни реформи, зелена транзиција, дигитализација и човечки капитал

Продолжување на структурните реформи и за време на справување со кризата е нешто што и Светска банка и ММФ го препорачуваат. Реакцијата кон сегашните предизвици, но и градењето економија што ќе биде отпорна на идните, е единствениот начин да го постигнеме посакуваниот резултат – повисоки и одржливи стапки на економски раст кои ќе дадат придонес кон раст на стандардот и економскиот развој.

Во оваа насока е и дебатата на платформата за развој на решенија СЕФФ (SEFF – Skopje Economic Finance Forum) или Економски и финансиски форум, којшто ќе се одржи кон крајот на месецот во Скопје. Темата на дискусијата на Форумот ќе биде токму „Одржување економски раст во време на неизвесност и потоа“, а ќе се темели врз четири столба: 1. Макроекономски предизвици во време на криза, 2. Истрајност, конкурентност и регионална соработка, 3. Енергија, зелена транзиција и инфраструктура и 4. По кризата: структурни реформи, човечки капитал, финансиски иновации и инвестиции.

Целта на Форумот е да ги поттикне сите чинители, од креаторите на политики, преку спроведувачите на политиките до засегнатите страни – сите заедно, со своето мислење да придонесат за решенија кои ќе бидат добар одговор и на кризата и на она што доаѓа по неа.

На мое големо задоволство, главен говорник на Форумот ќе биде добитникот на Нобеловата награда за економија во 2008 година, американскиот професор Пол Кругман, кој со своите анализи ќе даде придонес во оваа доста комплексна дискусија, која несомнено ќе донесе придобивки.

Иако ова ќе биде навистина зафатен период во годината, имајќи предвид дека напоредно го работиме и ребалансот, со нетрпение го очекувам, бидејќи само преку борба на идеи и мислења може да се дојде до вистински решенија.

На крајот би посочил уште нешто – само со добра стратегија и добро поткрепен план може да се постигнат резултати. Економската стратегија што досега успешно ја спроведувавме нѐ извлече од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, за што добивме признание од сите релевантни меѓународни финансиски организации. Убеден сум дека успешно ќе го надминеме и афтершокот. Ќе градиме подобра иднина!

 

Фатмир Бесимиминистер за финансии

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window