Вести|

29 мај 2022, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими, попладнево прими делегација од Светска банка предводена од потпретседателката на Групацијата на Светска банка за регионот, Ана Бјерде. Средбата, на која присуствуваа и регионалната директорка за Западен Балкан Линда Ван Гелдер, новиот регионален директор за Западен Балкан Шиаочин Ју и претставникот на СБ во земјава Масимилијано Паолучи, се одржа во пресрет на Втората годишна конференција на Министерството за финансии која почнува утре во Скопје.

На средбата соговорниците се осврнаа на влијанието од актуелната енергетска и ценовна криза и војната во Украина, при што од страна на министерот беа напомнати мерките и политиките што ги презема Владата, а кои се на краток рок насочени кон одговор на кризата и заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на стопанството. Како што нагласи, на среден и долг рок останува заложбата на Владата за макроекономска стабилност и фискална консолидација, со цел постигнување забрзан економски раст.

„Во 2021 година, по пандемијата на ковид-19, домашната економија закрепна согласно очекуваната динамика. Оваа година економската активност, иако под влијание на економските последици од руско-украинскиот конфликт, се очекува таа да се врати на нивото од пред ковид-кризата, односно проектирана е на ниво од 3,2%. На среден рок се очекува таа да се интензивира со просечни стапки на раст над 5%“, рече министерот Бесими, кој изрази задоволство за поддршката што ѝ ја дава оваа финансиска институција на земјата во креирањето и спроведувањето реформи за постигнување забрзан раст.

Соработката на земјава со оваа меѓународна финансиска институција се темели на Стратегијата за партнерство на РС Македонија со Светска банка, во која приоритети се енергетската ефикасност, дигитализацијата, подобрувањето на патната и железничката инфраструктура, општинските услуги, образованието, социјалните услуги и слично. Поддршката од Светска банка се пресликува преку реализација на над 60 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари и активното работење на девет проекти со вкупен износ од 480,8 милиони американски долари, коишто се фокусирани токму во областите утврдени со Стратегијата. Ваква значајна поддршка од Светска банка добивме и при справувањето со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Во наредниот период активностите може да бидат насочени кон одржлив раст, човечки капитал, како и инфраструктурни проекти, кои се дефинирани приоритети и во Планот за забрзан раст. Планот нуди нови механизми и инструменти за финансирање на проектите, а очекуваните инвестиции од јавниот и приватниот сектор се над 8 милијарди евра.

Делегацијата на Светска банка утре и задутре ќе учествува на Втората годишна конференција на Министерството за финансии, на тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“. Фокусот ќе биде на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, отпорност, конкурентност и регионална соработка, енергија, зелена транзиција и инфраструктура, и што по кризата: двигатели за одржлив раст.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window