Вести|

  • Потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова и премиерот Димитар Ковачевски формално го инаугурираа претставништвото на ЕИБ во Северна Македонија
  • Ова ново претставништво на ЕИБ во Скопје уште повеќе ќе ја зголеми советодавната и финансиска поддршка во склоп на ЕИБ Глобално за земјата и на тој начин дополнително ќе го унапреди одржливиот раст и ќе го зголеми вработувањето
  • До денес, Групацијата ЕИБ инвестираше 1,1 милијарда евра во економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија

 

30 мај 2022, Скопје – Европската инвестициска банка (ЕИБ), банката на Европската Унија, денес официјално го инаугурираше своето претставништво во Скопје во склоп на просториите на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Со овој чекор, банката на ЕУ ја потврдува својата поддршка за одржлив раст и зелена транзиција на земјата. Новото назначено локално присуство ќе ја засили техничката и финансиската поддршка за приватните и јавните инвестиции во земјата.

Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје е согласно политиката на ЕИБ за воспоставување присуство во повеќе земји надвор од ЕУ. Ова достигнување ќе ѝ помогне на банката на ЕУ подобро да ги разбере регионалните потреби за финансирање, да идентификува повеќе нови проекти и да воспостави потесни врски со државните органи и други акционери. До денес, воспоставените канцеларии на ЕИБ во 23 земји членки на ЕУ и во 30 земји надвор од ЕУ го унапредуваат дијалогот за бизнис и политика. На церемонијата по повод отворањето на претставништвото, на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова им се придружија министерот за финансии, Фатмир Бесими, шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир и други високи претставници на бизнис и банкарската заедница и меѓународни финансиски партнери.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, одговорна за операциите во Северна Македонија, изјави:

„Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Северна Македонија е јасен сигнал за нашата длабока посветеност на просперитетот на земјата, како и на нејзината интеграција во регионот и во ЕУ. Проширувањето на нашиот досег во земјата доаѓа во вистинско време, кога сите се соочуваме со сложени климатски, енергетски и социјални предизвици коишто бараат нов пристап и модел на партнерство под водството на Тимот Европа. Како докажан и доверлив партнер на земјата, нашата нова канцеларија ќе ѝ помогне на ЕИБ да ја зголеми својата поддршка за енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор. Тоа ќе ја поттикне нашата соработка со Европската комисија и локалните партнери за обезбедување уште понасочена поддршка за клучните проекти вклучени во Економскиот и инвестициски план и иницијативата Глобална порта на Комисијата“.

Новото претставништво на ЕИБ во Скопје ќе ѝ овозможи на банката на ЕУ уште повеќе да го зголеми својот оперативен капацитет под својата нова филијала „ЕИБ Глобално“ и да развие потесни односи со државните органи, промоторите на проекти, локалните организации и финансиските институции. Притоа, банката на ЕУ се надева дека ќе ги забрза новите иницијативи и ќе ги засили идентификацијата на проекти, подготовката и обезбедувањето финансии, како и извршувањето согласно најдобрите практики. Таа ќе продолжи да дава поддршка на јавниот сектор и би сакала да ја зголеми поддршката за приватниот сектор во земјата.

Назначениот претставник на ЕИБ за Северна Македонија е господин Бјорн Габриел, кој е дел од ЕИБ веќе 14 години. До неодамна, тој го водеше тимот за Политики и операции во претставништвото на Групацијата ЕИБ за Европската Унија во Брисел, тесно соработувајќи со институциите на ЕУ, земјите членки и групите експерти, за да помогне да се определи придонесот на банката за клучните политики и иницијативи на ЕУ во различни сектори, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан и политиката за проширување. ЕИБ Глобално ќе направи сѐ за да покаже дека советодавната и финансиската поддршка на ЕИБ во соработка со Европската комисија и нашите финансиски партнери го забрзуваат растот, обезбедуваат просперитет за руралните области, овозможуваат одржлива трансформација во земјата и ја зајакнуваат локалната економија.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски истакна дека чинот на отворање претставништво на Европска инвестициска банка во државава е силна порака и признание за Република Северна Македонија, за нашите заложби на врвот на нашите приоритети да ги ставиме енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор.

„Во период од 1991 година до сега, Европската инвестициска банка обезбеди 1 милијарда евра за поддршка на социоекономскиот развој во процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ преку финансирање мали и средни претпријатија, транспортни, енергетски и комунални инфраструктурни проекти. Во моментов, со буџет од 246,9 милиони евра наменет за кофинансирање на проектите од јавниот сектор, тековно се спроведуваат проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините, проектот за финансирање мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија“ и проектот за Пречистителна станица за отпадни води Скопје“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими истакна дека отворањето на канцеларијата на ЕИБ е доказ за теснатa соработка меѓу ЕУ и Република Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ.

„Источниот дел од железничкиот Коридор VIII, последната делница Крива Паланка – Граница со Бугарија; проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија“, врз основа на кој веќе ги потпишавме потребните правни документи со ЕИБ, како и продолжувањето на финансиската поддршка со цел финансирање на малите и средни претпријатија со нова кредитна линија се само дел од проектите што ќе се реализираат со поддршка од Европската инвестициска банка. Искрено ја цениме одлуката на ЕИБ да отвори канцеларија во Скопје, на тој начин поддржувајќи ја Владата во унапредување на имплементацијата на Економскиот инвестициски план“, рече министерот Бесими.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, изјави: „Отворањето на новата канцеларија на ЕИБ во Скопје дава одлична можност за зајакнување на нашата поддршка за Северна Македонија. Преку заедничка работа на терен како Тим Европа – ЕУ, земјите-членки на ЕУ и ЕИБ како наша најзначајна финансиска институција – може да продолжат да даваат вистински придонес за земјата, зајакнувајќи ја економијата, создавајќи работни места и реални промени во животот на граѓаните“.

Како долгогодишен партнер на Северна Македонија, од почетокот на нашето работење во земјата во 1977 година, ЕИБ инвестираше 1,1 милијарда евра поддржувајќи го развојот на виталната инфраструктура и малите и средни претпријатија (МСП). Од 2009 година, ЕИБ обезбеди 635 милиони евра за малите и средните претпријатија и средните компании во Северна Македонија, притоа одржувајќи речиси 100 000 работни места. Во истиот период, Банката на ЕУ намени преку 277 милиони евра за изградба на модерна транспортна мрежа во Северна Македонија, придонесувајќи за безбедност на патиштата, скратено време на патување и регионална кохезија. Во инфраструктурата за вода и отпадни води, ЕИБ досега инвестираше 128 милиони евра, што помогна во подобрувањето на пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за луѓето во Северна Македонија, истовремено намалувајќи го и загадувањето на водата. ЕИБ ја финансира изградбата на постројката за отпадни води во Скопје, најголемиот проект за животна средина.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window