Вести|

30 мај 2022, Скопје – На кус рок – таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и на фирмите коишто се директно засегнати од кризата и одржување на стабилноста. На среден и долг рок – поттикнување на конкурентноста и растот преку фокус на структурните реформи: зелена транзиција, енергетска ефикасност, дигитализација, вложувaње во човечки капитал и поврзување со земјите во регионот. Ова е пораката од првата панел-дискусија на Скопје економски и финансиски форум – #СЕФФ2022, која се однесува на тоа како да се одговори на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, а во насока на одржување на економскиот раст.

На панел-дискусијата учествуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за финансии и економија на Албанија, Делина Ибрахимај, министерот за финансии, труд и трансфери на Косово, Хекуран Мурати, министерот за финансии на Црна Гора, Александар Дамјановиќ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, алтернативниот извршен директор на ММФ, Лук Дресе, потоа резидентниот претставник на ММФ, Стефани Ебле, Владимир Глигоров – истражувач на Виенскиот институт, Глигор Бишев – претседател на Советот за едукација и стратешко истражување при Стопанската комора и Александар Стојков – универзитетски професор. Со панел-дискусијата модерираа Зоран Јовановски – економист и Владимир Шимиќ – универзитетски професор на Факултетот за економија, бизнис и туризам во Сплит.

Како што беше истакнато, изминатите две години светот и економијата постојано се соочуваа со нови шокови и искушенија – прво пандемијата, којашто доведе до најдлабоката рецесија од Втората светска војна наваму, а потоа и нарушување на синџирите на добавување што предизвика раст на цените на примарните производи, особено на енергенсите, како и затегнување на условите на финансиските пазари. Војната во Украина ја имаше улогата на катализатор во растот на цените на примарните производи, предизвика дополнителни нарушувања на синџирите на добавување и раст на претпазливоста кај инвеститорите и потрошувачите. Заканите од пандемијата се сè уште присутни, а светската економија се соочува со повеќе кризи едновремено.

На панел-дискусијата беше посочено и дека кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 покажа дека економските и финансиските системи станаа пожилави од глобалната финансиска криза наваму. Креаторите на политики, исто така, беа побрзи во одговорите. Фискалните власти преку силен стимул, кај голем број економии, успеаја да го амортизираат влијанието на кризата од ковид-19 врз економската активност.

Од друга страна, како резултат на кризата, фискалниот простор е намален, додека јавниот долг и фискалниот дефицит зголемени. Ова наметнува потреба од потаргетирани фискални одговори за време на новата криза.

Како што беше посочено, монетарната политика сега има сосема различна улога во однос на претходната криза. Ако за време на пандемијата преку прилагодливата монетарна политика се обезбеди потребната дополнителна ликвидност за одржување на економската активност и работните места, сега монетарните власти ја затегнуваат со цел да ги намалат инфлациските очекувања.

Во дискусијата беше нагласена и важност од координацијата на фискалната и монетарната политика, со цел да се одржи стабилноста.

Заклучокот е дека за да се одржи проспектот на раст, треба да се продолжи со структурните реформи и во време на криза, бидејќи само на тој начин може да се унапреди конкурентноста, продуктивноста и да се постигне забрзан и одржлив економски раст на долг рок.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window