Вести|

31 мај 2022, Скопје – Енергија и зелена транзиција, инфраструктура, поврзаност и трговија, финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност, нови предизвици за добро владеење и човечкиот капитал во 21-от век, се темите на кои ќе дебатираат учесниците денеска на вториот ден од Скопје економски финансиски форум – СЕФФ, што го организира Министерството за финансии.

Почетокот на вториот ден ќе го означат претседателот на државата, Стево Пендаровски и претседателот на Собранието, Талат Џафери, а главни говорници ќе бидат Одил Рено-Басо, претседателка на Европската банка за обнова и развој и Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка.

На првата панел-дискусија од вториот ден учесниците ќе дебатираат за намалување на влијанието од загадувањето врз здравјето и животната средина и креирање стратегии и политики.

На втората панел-дискусија ќе се разговара за развивање инфраструктура и услуги што се зелени, остварливи, отпорни, добро управувани и што можат да поттикнат одржлив развој.

Учесниците на третата панел-дискусија ќе се осврнат на нови алтернативни инвестициски инструменти и поголема употреба на технологијата во финансиите.

Владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, професионалниот, ефикасен и непристрасен судски систем како клучни предуслови за заштита на човековите права и креирање окружување што овозможува раст е тема на четвртата панел-дискусија од вториот ден од СЕФФ. Последната панел-дискусија е посветена на човечкиот капитал како главен двигател на продуктивноста, конкурентноста, иновациите, долгорочните изгледи за раст и намалувањето на сиромаштијата.

Ова е втора Годишна конференција на Министерството за финансии во рамки на СЕФФ, на која, покрај нобеловецот Пол Кругман, учествуваат креатори на политики од регионот, високи претставници на меѓународни финансиски институции, претставници на бизнис-секторот, експерти и други.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window