Вести|

31 мај 2022, Скопје – Во тек е амбициозна инвестициона агенда за инфраструктурни проекти во земјава. Инвестициите во патната инфраструктура од коридорите 8 и 10, автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани, железницата, гасификацијата и поврзување со регионот, но и други структурни реформи како дигитализација и инвестиции во човечки капитал, ќе бидат двигатели на растот по кризата и основа за развој на економијата. Ова беше посочено во рамки на четвртата панел-дискусија за време на СЕФФ, која беше посветена на предизвиците по кризата односно како да се осигури одржлив економски раст.

Вицепремиерот Артан Груби, кој имаше воведно обраќање во оваа дискусија, посочи дека голем број фактори ја условуваат одржливоста на економскиот раст. Исто така истакна дека аспирациите на нашата држава се да стане дел од ЕУ,а и дека амбициозно се работи на инфраструктурната агенда односно, дека се градат Коридорот 8 и Коридорот 10 помеѓу Прилеп и Битола и автопатот Скопје – Блаце, вклучително и автопатот Кичево – Букојчани, кои достигнуваат вкупна вредност од 1,7 милијарди евра, а бенефитите ќе ги почувствуваат економијата, компаниите и граѓаните. Железницата долж источниот дел од Коридорот 8, како и западниот дел од овој коридор со Албанија, којшто се очекува да започне следната година, ќе има значаен удел во поттикнувањето на економскиот раст. Овој процес ќе биде збогатен со проектите од зелената агенда, одржливата енергија, управувањето со отпад итн.

Вториот говорник на оваа тема, поранешниот британски премиер, Тони Блер, посочи дека за развој на една економија како нашата, потребни се четири важни промени – дигитализација за забрзување на растот, зелена и обновлива енергија, инвестиции во образование и инфраструктура, како и регионална соработка.

Претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рене Басо рече дека ЕБОР ги поддржува паневропските коридори, како и железничкиот транспорт којшто е барем 50-60% почист од патниот транспорт. Таа потсети дека ЕБОР има инвестирано повеќе од милијарда евра во железничкиот транспорт во земјите од Западен Балкан, и дека сега е вистинско време за инвестиции во инфраструктурата и меѓусебно доближување на земјите од регионот, со што би се одговорило и на климатската криза.

Претставниците на меѓународните финансиски институции ИФЦ и ЕИБ исто така ја изразија нивната поддршка за земјава и регионот во насока на обезбедување одржлив економски раст.

Регионалниот менаџер за Централна и Југоисточна Европа на Меѓународната финансиска корпорација, Ари Наим рече дека не можеме да се потпираме само на јавни инвестиции, туку треба да се ангажира и приватниот капитал. Како што посочи, потребни се технички прилагодувања кои подобро ќе ја позиционираат земјата, како и дека е време за повеќе јавно-приватни партнерства бидејќи денес дистрибуцијата е многу поважна од производството.

Алесандро Брагонзи, раководителот на регионалното претставништво на ЕИБ за Западен Балкан, ја истакна важноста на инвестициите во енергетскиот сектор од аспект на зголемување на производството на енергија и заштедата на енергенси. Тој посочи дека повеќе од 3,2 милијарди евра беа инвестирани во изминатите 10 години во Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, но и дека секогаш може уште повеќе да се инвестира. Тој истакна дека покрај развојот на патната инфраструктура, треба да се размислува и за поеколошки транспорт, како што е железничкиот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window