Вести|

13 јуни 2022, Скопје – Со предлог-ребаланс на Буџетот треба да се постигнат две основни цели: прво, да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, да се поддржи економијата за враќање на претпандемиското ниво, како и да се оддржи социјалната сигурност на граѓаните. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими во своето експозе на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Една од целите што треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите со цел надминување на предизвиците што ги наметнаа новите светски кризи. Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициона агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност“, посочи министерот во своето излагање.

Со предлог-ребалансот на Буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите се проектирани на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.

„Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Би се осврнал на тоа зошто таргетирана поддршка. Ако првиот пакет-мерки беше општ, со цел да забави инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат повеќе насочени кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската Унија – со мерките да се делува кон целни категории“, рече Бесими.

Во ребалансот предвидени се 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.

Исто така, предвидени се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно на првично планираните субвенции дополнителни 3,2 милијарди денари. Овие средства имаат за цел да ги стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехранбени производи.

Планирани се и повисоки трансфери до општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.

Со ребалансот се предвидуваат и средства за раст на пензиите согласно новата методологија според индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Планирани се и дополнителни 2,4 милијарди денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Предвидени се средства за субвенции на придонеси за поддршка на работодавците за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки е содржан ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата од една страна и ефектите од контролата на новите вработувања и оптимизација на јавната администрација, од друга страна.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window