Вести|

13 јуни 2022, Скопје – Дополнителни 2,2 процентни поена намалување забележа јавниот долг. Денеска објавените податоци покажуваат дека заклучно со првиот квартал од 2022 година јавниот долг се спушти на ниво од 54,9% од БДП. Истовремено, намалување е забележано и кај државниот долг кој на крајот на март изнесува 46,8% и е за 1,9 процентни поени понизок.

Дополнителното намалување на јавниот долг е потврда за добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии, особено што тоа е евидентирано во период на криза.

Фискалната политика останува на определбата за натамошна консолидација и реструктурирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Клучни елементи на фискалната политика во наредниот период се редизајнирањето и подобрената структура на јавните финансии, преку зголемено учество на капиталните расходи, како и етапната фискална консолидација. Буџетскиот дефицит во 2020 година изнесуваше 8,2% од БДП, а во 2021 година 5,4% од БДП. Годинава продолжува тој тренд на намалување. Во првите четири месеци, односно јануари – април, остварен е за 44% помал дефицит во однос на истиот период минатата година. Така што за годинава е проектиран дефицит од 5,3% од БДП, 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година.

Истовремено, останува определбата за натамошно намалување на јавниот долг и негово спуштање под Мастришкиот критериум од 60% од БДП. Така, согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, на среден рок, односно до 2027 година јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,6%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,2%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window