Вести|

14 јуни 2022, Скопје – Наша одговорност е да го одржиме Буџетот стабилен и да обезбедиме средства за поддршка на оние категории што се најпогодени од кризата, ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во емисијата „24 Анализа“.

„Потаргетирани мерки значат со помалку пари да се обезбедат и да се заштитат прво оние што се најзагрозени, без оглед дали се граѓани или фирми. За тоа се предвидени 2,4 милијарди денари повеќе за примателите на загарантиран минимален приход. Средства за покривање на трошоците за храна и електрична енергија, исто така, на ранливите категории. Имаме програма за енергетска сиромаштија. Значи ќе има таргетирани мерки за различни категории за кои ќе се оцени дека постои потреба. Мерки кои ќе се дефинираат за што ќе се користат, односно дали ќе се користат за енергија или само за прехранбени производи. Ќе се води консултативен процес со сите заинтересирани страни со цел подобро дизајнирање на мерките“, рече министерот.

Тој додаде дека мерките што досега дадоа ефект ќе продолжат да се применуваат, напомнувајќи дека во делот на поддршката за електрична енергија, граѓаните треба да знаат дека сметката што ја добиваат за потрошена електрична енергија е само 20% од пазарната цена на електричната енергија. Во иднина, посочи, на сметката ќе биде прикажано колку од износот за електрична енергија субвенционира државата.

Министерот истакна дека се пристапува кон потаргетирани мерки во однос на претходниот пакет-мерки, а кој беше со широк опфат и со цел да влијае на шпекулативниот момент во однос на цените.

„Тоа е препорака и од релевантните меѓународни финансиски институции. Наша обврска е Буџетот да го држиме стабилен и буџетските средства да не се трошат нетаргетирано. И тоа го правиме со мерки насочени онаму каде што се најпотребни. Доколку се откажеме од буџетски приливи тоа значи дека треба да се задолжиме. За секој денар што ќе се задолжиме сега граѓаните ќе треба да платат плус 7%, со оглед на каматните стапки на меѓународните пазари во моментов, коишто се различни од минатата година кога ја издадовме еврообврзницата по камата од 1,6%“, рече министерот.

Во врска со управувањето со стоковите резерви, министерот посочи дека со ребалансот има дополнителни средства за нивно зајакнување и дека тие се на располагање за потребите што се дефинирани со закон и доколку се укаже таква потреба ќе се интервенира. Оцени дека во досегашниот период немало потреба од нивно активирање и дека во ниту еден момент не се појавил недостиг на храна или нафтени деривати на пазарот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window