Вести|

21 јуни 2022, Скопје – За над 92000 лица вработени во јавниот сектор, или 72% од вработените во овој сектор, е обезбедено зголемување на платите оваа година и тоа во време на криза во која сите живееме и се обидуваме да ја надминеме на сите можни начини и со различни мерки. Ова денес во Собранието го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски, на амандманската расправа по ребалансот на Буџетот за 2022 година.

„Владата на РС Македонија сериозно се грижи за стандардот и на граѓаните на РС Македонија и на сите лица вработените во јавниот сектор. Тоа се потврди во неколку наврати. Имено, пред неколку месеци се донесе Законот за минимална плата, со кој над 17000, поточно 17245 вработени во јавниот сектор добија зголемување до минималната плата. Значи оние што имаа 15.200 денари плата стигнаа до 18.000 денари. Во меѓувреме се договорија уште неколку зголемувања на плати во одредени сегменти, односно сектори, кои опфаќаат голем број вработени лица во јавниот сектор. Најпрво во делот на образованието, каде што се опфатени над 37000 вработени, се потврди и се обезбедија средства за зголемување на платата од септември за 15%. Потоа во делот на Министерството за внатрешни работи, за 12000 вработени лица се обезбедија средства за зголемување на платите за 5%. Во делот на културата, каде што се опфатени над 3500 вработени, има зголемувања на платите за 30%. Во делот на судството каде што се вработени над 2600 лица, има зголемување на платите за 15%, за вработените во здравството, кај кои веќе неколку години по ред има зголемување на платите за 15% и 20% и оваа година ќе има зголемување од 5%. Во овој сектор се опфатени над 20000 лица“, истакна заменик-министерот Николоски.

Тој потенцира дека овие над 92000 вработени во јавниот сектор, односно над 72% од вкупно вработените лица во јавниот сектор, имаат или ќе имаат зголемување на платата, додека за другите вработени во јавниот сектор, за кои не е обезбедено или не е договорено зголемување на платата, се вработените во јавните претпријатија на државно и локално ниво, каде што одлука за зголемување на платите носат самите претпријатија кои имаат и сопствени буџети, но познато е и на какво ниво се платите во тие сектори.

За останатите 1000 вработени, до вкупниот број 131 илјада вработени во јавниот сектор, како што рече заменик-министерот, се оние што се вработени во регулаторните тела и централната банка, каде што имаат сериозно високи плати.

Николоски потенцира дека Владата на РС Македонија се грижи за вработените лица во јавниот сектор и посочи дека на локално ниво, каде што има 6000 вработени, потребна е консолидација пред да се пристапи кон зголемување на платите, бидејќи најголем дел од општините работат со негативни финансиски резултати и повторно на крајот на денот тие се на товар на Буџетот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window