Вести|

2 јули 2022, Скопје – Со 192 милиона евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и 30 милиони евра грант од инструментот ВБИФ, или вкупно 222 милиона евра, се затвора финансиската конструкција за изградба на втората подделница од автопатот Скопје – Блаце и изградбата на фотонапонските електрани во Осломеј и Битола. Договорите со ЕБОР за реализација на овие значајни инфраструктурни проекти беа потпишани од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорката за инфраструктура за Европскиот регион во ЕБОР, Сузан Горансон, шефот на Канцеларијата на ЕБОР во РС Македонија, Анди Аранитаси и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. На потпишувањето на договорите присуствуваа и министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Денеска со ЕБОР потпишуваме уште два значајни договора коишто се од клучно значење за развојот на нашата држава, бидејќи со истите се обезбедуваат средства за реализација на проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце и за проектот за транзиција на соларни фотоволтаици што ја опфаќа изградбата на фотонапонските електрани Осломеј 2 и Битола“, истакна министерот Бесими по потпишувањето на договорите за гаранција за двата проекта.

Тој додаде дека спроведувањето на проектите што се важни за напредокот на нашата држава е наша примарна цел и дека од огромно значење е поддршката од нашите постојани партнери, како што се ЕБОР и ЕУ.

Со Договорот се обезбедуваат 167,6 милиони евра од ЕБОР за изградба на втората подделница од автопатот Скопје – Блаце, чија вкупна вредност е 194 милиони евра. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, за проектот е обезбеден и инвестициски грант од ВБИФ во износ од 20,82 милиона евра, 5,68 милиони евра грант за техничка помош, исто така од ВБИФ, и 0,35 милиони евра грант што ЕБОР дополнително ги доделува за изработка на национална стратегија за е-мобилност и акциски план за патна инфраструктура.

Со вториот договор се обезбедуваат средства во износ до 25 милиони евра со кои ќе се реализира проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, којшто ја опфаќа изградбата на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 MW и ФЕ Битола со 20 MW. Дополнителни 5 милиони евра за овој проект ќе се обезбедат со грант од инструментот ВБИФ.

Од ЕБОР оценија дека станува збор за проекти што ќе имаат видливи ефекти за подобрување на условите за живот на граѓаните.

„Овој проект е само еден пример за активностите што ги презема Банката со цел подобрување и на транспортната и на општинската инфраструктура во РС Македонија. Тие ќе имаат видливи ефекти врз секојдневниот живот на луѓето и врз трговските активности во регионот, како и со ЕУ. Среќни сме што ќе го направиме следниот чекор за да го поддржиме Јавното претпријатие за државни патишта преку финансирање на оваа значајна патна делница, заедно со нашиот клучен партнер, ЕУ“, изјави Сузан Горансон, директорка за инфраструктура во ЕБОР.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцира дека денешниот чин на потпишување е доказ за посветеноста на економскиот тим на Владата и заложбата за континуиран развој на патните коридори. „Ако до пред некоја година автопатот Скопје – Блаце беше само проект на хартија, сега имаме силна градежна механизација која интензивно работи на неговата изградба“, рече Бочварски.

Амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ во РС Македонија, Дејвид Гир, истакна дека преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и со поддршка од ЕБОР, се останува на зацртаната патека за агендата за поврзаност. „Глобално поврзана Европа е корисна за економијата, како и за економиите и за растот на земјите кандидати. Поддржувањето на транспортната поврзаност помеѓу Косово и РС Македонија претставува голема можност за понатамошно унапредување на трговските односи, како и за посилен регионален економски развој“, потенцира евроамбасадорот Гир.

Во однос на вториот проект, тој потенцира дека сме сведоци на конкретни активности во материјализацијата на Зелената агенда за Западен Балкан и на преточувањето на Економскиот и инвестициски план во реалност.

„Инвестицискиот грант на Инвестициската рамка за Западен Балкан и заемот од ЕБОР, со кои се поддржува трансформацијата на електраните Осломеј и Битола, од јаглен на соларна енергија, е јасен показател дека земјата ги презема вистинските чекори – се движи кон зелена енергија, истовремено спроведувајќи социјално праведен процес на транзиција. На оваа инвестиција се чекаше долго и истата доаѓа во вистинско време за РС Македонија, осигурувајќи снабдување со чиста и безбедна енергија“, рече евроамбасадорот Гир.

Министерот Бектеши потенцира дека оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региона каде што е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани и дека е исклучително важна реализацијата на овој проект особено сега, во услови на енергетска криза во Европа и светот.

Според Анди Аранитаси, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во РС Македонија, изградбата на ФЕ Осломеј 2 и Битола е многу важен проект за енергетската транзиција на земјата. „Истиот претставува продолжување на нашите претходни активности во врска со амбициозните планови за декарбонизација на РС Македонија преку поддршката за организирање тендери за соларни фотонапонски електрани и за изградба на првата голема соларна фотонапонска електрана во земјата, исто така во Осломеј. Проектот ќе помогне да се одговори на потребата за енергетска безбедност и одржливост, на конкурентен и економичен начин, преку инвестиции, со што ќе се креираат стручни работни места, а воедно ќе се воведат нови деловни екосистеми кои ќе придонесат кон намалување на загадувањето на воздухот и на емисијата на стакленички гасови“, рече Аранитаси.

ЕБОР е еден од најзначајните меѓународни партнери на земјата и досега има финансирано 160 проекти со над 2,2 милијарди евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window