Вести|

26 јули 2022, Скопје – Ребалансот на Буџетот за 2022 година, што го усвои Собранието, ги има предвид реалните економски состојби, содржи средства за амортизирање на ефектите од кризата, за одржување на динамиката на раст и овозможување фискална одржливост на среден рок, а притоа, што е особено важно, е дека е обезбедено и финансирањето како што е планирано, и се бараат начини тоа да се направи на најоптимален начин.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во Дневникот на ТВ 24, каде што потенцира дека со ребалансот се прави реструктурирање на расходната страна, но и приспособување на приходната, со цел да се излезе во пресрет на потребите за поддршка на граѓаните и стопанството.

„Со ребалансот се направија промени онаму каде што во првата половина од годината се реалоцираа средства за кризата. Така што без ребаланс на Буџетот се реализираа сите средства што беа предвидени за антикризни мерки, беше обезбедена и поддршка за потребите на ЕСМ со што граѓаните плаќаат само 20% од цената на електричната енергија, како и средства за зголемени пензии согласно новата методологија, за зголемена минимална плата во јавниот сектор, но и за субвенции за придонесите за исплата на зголемената минимална плата во приватниот сектор и низа други мерки што беа преземени со цел да се помогне стопанството и граѓаните, но и за периодот што следи од 6 месеци“, истакна министерот Бесими.

Тој додаде дека се обезбедени дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции во земјоделството за стратешки производи и за зголемување на приносите, 2,4 милијарди денари дополнителни средства за примателите на гарантиран минимален приход, потоа дополнителни средства за зголемените плати за 15% во секторот образование, дополнителни средства во делот на развојот на економијата и дополнителни 1,1 милијарда денари за проектот Мој ДДВ, пари што се враќаат кај граѓаните.

За антикризни мерки, министерот потенцира дека во посебна програма се предвидени 76 милиони евра или 4,7 милијарди денари, иако средствата обезбедени за овие мерки се повисоки.

„Не се само овие 76 милиони евра. Тие се дополнителни средства на претходно резервираните во оваа програма од 50 милиони евра. Има и 100 милиони евра за ЕСМ што се обезбедени од ЕБОР и за кои неделава се очекува да се усвои Законот во Собрание. Тоа се поволни средства за ликвидност на ЕСМ, кои инаку требаше да се обезбедат од Буџетот, што ќе значеше дополнителен 1% дефицит од БДП. Се разговара за дополнителни 100 милиони евра од ЕИБ за поволни кредити за ликвидност на стопанството и за инвестиции во енергетска ефикасност и зелена транзиција“, дополни Бесими.

Министерот потенцира дека средствата за финансирање на ребалансот се обезбедени и ќе се реализираат како што е планирано со истиот. Притоа, како што нагласи, покрај за средства за кои се разговара со ММФ, се разговара и за други инструменти за финансирање како на домашниот, така и на меѓународните финансиски пазари.

„Со ММФ се преговара. Тоа се преговори што вообичаено траат со месеци. Но работиме и на повеќе други инструменти, меѓу кои е и еврообврзницата. Целта е да го заокружиме целото финансирање по просечна каматна стапка која ќе биде под онаа што е на меѓународните финансиски пазари, а која се движи над 7%. Притоа ја земаме предвид и рочноста. Значи работиме на неколку опции. Не гледаме линеарно само на еден и единствен инструмент, гледаме на повеќе инструменти и портфолија за да го намалиме товарот врз Буџетот“, рече министерот и додаде дека вниманието е свртено кон странски инвеститори и меѓународни финансиски институции, бидејќи, нашата стратегија е да внесеме повеќе девизи во економијата и на тој начин да се помогне да се инјектираат дополнителни финансиски средства во нашата економија, да се релаксира монетарната политика и да се стабилизираат очекувањата, а воедно и да се ублажи ефектот, односно трендот на зголемување на каматните стапки кои може да имаат ефект врз стагнирањето на растот.

Министерот Бесими рече дека земјата има поволна позиција во однос на обезбедување средства на пазарите и оти според сигналите што ги добиваме постои интерес за нашите обврзници, но дека со оглед на високите цени, сè уште се бара најоптималниот начин на финансирање.

Според министерот, дополнителен сигнал за инвеститорите е почетокот на процесот на отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Во интервјуто, тој истакна дека состојбата со енергетската криза треба сериозно да се сфати. Посочи на донесените заклучоци за заштеди на институциите на централно ниво, како и на дадените препораки за заштеди и до институциите на локално ниво, а притоа апелираше и граѓаните да го сторат истото. Тоа, вели, не е за да се заплашат граѓаните, туку за да ја сфатат сериозноста на состојбата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window