Вести|

8 август 2022, Скопје – Основата на Концептот за даночна реформа е проширување на даночната основа преку зелено оданочување и повеќе измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност. Истите претходно ќе бидат дискутирани и дебатирани со сите општествени чинители. Дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата. Исто така, ќе се работи интензивно и на намалување на сивата економија и на подобрување на услугите во јавниот сектор. Ова беа накусо пораките што ги упати министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со новинарите по повод почетокот на јавната дискусија за даночните реформи.

Концептот за даночна реформа се заснова на Стратегијата за даночна реформа. Станува збор за долгорочен, планиран и добро анализиран процес, односно дел од големата фискална реформа за СМАРТ или паметни јавни финансии.

Со подобрувањето на наплатата на приходите ќе се обезбедат повеќе средства за развојни проекти на среден рок, додека на кус рок ќе има повеќе средства за антикризни мерки и за заздравување на економијата.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Бесими посочи дека Владата на РС Македонија интензивно работи на новиот пакет антикризни мерки, што ќе биде претставен на јавноста.

Исто така посочи дека концептот на реформи на даночната политика во областа на данокот на добивка и данокот на личен доход се однесува на ревидирање на преференцијалните даночни третмани кои ја нарушуваат неутралноста на даночниот систем преку фаворизирање одредени категории даночни обврзници или активности. Со тоа негативно влијаат врз правичноста и придонесуваат за зголемена нееднаквост во општеството.

Кај данокот на додадена вредност потребно е натамошно зајакнување на основните принципи на неутралност и конкурентност, преку стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена стапка, како и оданочување определен промет. Беше истакнато дека е потребно и допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници за правото на одбивка на претходен данок, што ќе овозможи поголема правна сигурност за даночните обврзници, поголема ефикасност во спроведувањето на контролата и во прибирањето на даночните приходи од страна на даночната администрација.

Со даночните реформи, исто така, ќе се постигнат и некои системски цели, како што се спроведувањето на „зелената агенда“ и справувањето со климатските промени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *