14 август 2022, Скопје – Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа. Инаку консултациите започнаа во 2020 година напоредно со анализите за перформансите на даночниот систем и неговото унапредување. Концептот на даночната реформа во суштина се однесува на зголемувањето на наплатената маса на даноци, главно преку зголемување на опфатот, односно преиспитување на преференцијалниот третман на одредени категории, но и воведување повеќе обврзници во системот, односно намалување на неформалната економија.
Суштинската анализа и широката јавна дебата се значаен дел на реформата
Наплатата на давачките кај нас е далеку под европскиот просек, а заостануваме и зад регионот. И во претходната колумна го опфатив овој момент, но важно е да се посочи повторно бидејќи токму тоа покажува дека треба и мора да има системски промени. Во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија. Во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, додека во Северна Македонија со 27,7%. Овој јаз дополнително се продлабочува и зголемува низ годините. Во однос на земјите од Западен Балкан, исто така, убедливо имаме најмало остварување. Учеството само на даночните приходи во БДП кај нас е уште помало, и во 2020 година изнесуваше 16,1%. Според експертите на Светска банка, уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и за намалување на сиромаштијата, бидејќи осигурува дека државите располагаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Развиените земји, вообичаено, имаат повисок удел, просекот кај земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) изнесува 33,8% во 2019 година, или двојно повеќе во однос на нашиот резултат.
Согласно овие податоци, очигледно е дека има потреба од промени во системот. Даночната реформа не е ад хок решение за итно зголемување на приходите на Буџетот во услови на криза. Тие досега се реализираат согласно планот и постојано биле нагорно коригирани со ребалансите. Реформата е важна за идниот економски раст и праведноста во даночното оптоварување. За да биде одржлива, покрај темелната анализа, таа треба да помине низ инклузивен процес на широка дебата. Како што би рекол францускиот писател и моралист Жозеф Жубе: „Подобро е да се дебатира за прашање без да се реши, отколку да се реши прашање без да се дебатира“.
Со право Концептот за даночна реформа доби големо внимание во јавноста. Има и судир на мислења – едни сметаат дека треба да се воведе прогресивен данок, другите се против, некои сметаат дека наместо банкарските депозити треба да се оданочуваат профитите на банките, други се да се оданочуваат „екстра“ профитите на компаниите, има и такви што предлагаат зголемување на акцизите на алкохолот и тутунот со цел повеќе приходи за здравство и спорт. Листата на предлози е широка, меѓу кои се спомнува и „привремен“ данок, како други и слични предлози на страната на ДДВ и другите даноци. И добро е да има дискусија и да се изнесат сите мислења и аргументи.
Проширувањето на даночната основа вклучува пред сè формализирање на неформалниот сектор
Сите што досега аргументираа во јавноста за и против потребата од даночна реформа, се осврнаа и на сивата економија. И тука би сакал јасно да дадам до знаење, иако беше посочено и во претходната колумна, потенцирам – борбата против сивата економија е дел од реформата, односно со системските измени ќе се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор. Кога велам зголемување на даночната основа, тоа подразбира во неа да се воведат и субјекти од неформалниот дел.
Оваа колумна, во насока на транспарентноста и отчетноста кон јавноста, ќе ја насочам целосно кон политиките, мерките и активностите што ќе ги преземеме во насока на сузбивање на сивата економија.
Сивата економија како константа
И покрај сите предизвици со кои светот и ние како економија и општество се соочуваме во овој период – пандемијата, ценовната и енергетската криза – сивата економија како проблем останува „евергрин“. Сивата економија е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат многу економии во развој, вклучително и нашата. Накусо, сивата економија е затајување данок, дисторзија на пазарот, нелојална конкуренција и неефикасна распределба на ресурсите. Таа ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и создава неправична и незаконска „предност“ за оние што не ги исполнуваат законските обврски. Со избегнување на даночните обврски се урива системот на еднаквост и се оштетуваат сите.
Сивата економија е штетна за сите граѓани и затоа е клучно секој да појде од себе и да даде индивидуален придонес во решавањето на овој предизвик. Една актуелна паралела е електричната енергија и енергетската ефикасност. Ако сите заедно сме посвесни во однос на користењето на електричната енергија, сите заедно ќе плаќаме поевтина цена.
Гледајќи ја големата слика и целта кон која сакаме да стигне нашата економија, и покрај многуте предизвици изминативе две години откако започна пандемијата работевме на мерки и планови со кои треба да се сузбие овој горлив проблем за нашата економија. Во рамки на ова е и Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии, којшто е дел од Акцискиот план и Стратегијата за формализација на неформалната економија на Владата. Станува збор за сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените, нерегистрираните деловни субјекти и неформалните активности во рамки на формалната економија.
Феномен во секое општество
Неформалната економија е присутна во сите земји. Нејзиното ниво и форми се различни и се поврзуваат со степенот на развиеност на самата земја. Нивото на застапеност на сивата економија е многу тешко да се измери поради самиот карактер. Сепак, развиени се неколку методи за процена на нејзиниот обем. Станува збор за директни методи што се базираат на директни податоци собрани преку анкети, набљудувања и интервјуа со економските оператори, како и индиректни методи преку кои се утврдува степенот на сивата економија со помош на макроекономските индикатори, како што се односот помеѓу готовината и депозитите, физичкиот инпут и сл.
Општо, земјите со понизок степен на развиеност имаат повисока неформална економија, главно поради неможноста на формалниот сектор да создаде доволно работни места. Но, практиката и во земјите од ЕУ покажува дека неформалниот сектор опстојува и на повисоко ниво на развиеност. Според процените на ММФ, сивата економија во просек е на ниво од 35% од БДП во ниско и средно развиените економии, за разлика од 15% од БДП во развиените економии. На пример, процената за степенот на застапеност на сивата економија во Австрија е околу 9%, во Германија 15%, во Грција 26% итн. Во земјите од регионот, сивата економија се движи околу 30%. На пример, во Косово околу 39%, Црна Гора 38%, Хрватска 35%, Србија 34%, Босна и Херцеговина 34,4% и Албанија 28,3%. Накусо, не постои економија каде што сивата економија не е застапена.
Има неколку клучни фактори што влијаат врз нејзината застапеност, а тоа се: степенот на економска развиеност на земјата, степенот на дигитализација, даночниот товар, парафискалните давачки, високата регулација на формалната економија, особено на пазарот на трудот, користењето готовинско плаќање, нивото на корупција, довербата во државната администрација и даночниот морал.
Јакнење на даночниот морал – како основа за стратегија за сузбивање на сивата економија
Не постои универзален модел за намалување на сивата економија. ОЕЦД предлага форма во три столба, со чие спроведување може да се намали овој општ економски проблем. Прво, едукација на даночните обврзници и едноставни регулативи. Второ, намалување на можностите за вклучување на сивата економија во активности и трето, зајакнување на општествените норми. Овие три столба се добра основа за градење на национaлните стратегии.
Во регионот, стратегиите за сузбивање на сивата економија главно се засноваат на подигнување на свеста за важноста на формализирањето на економските активности. Дополнително, Албанија, покрај кампањата, има преземено мерки за унапредување на инспекцијата и надзорот, како и олеснување на административните процедури, како и мерки за унапредување на фискализацијата. Србија, покрај интензивната кампања за подигнување на „даночниот морал“, воведе мерки за унапредување на супервизијата, даночни и фискални мерки за поттикнување на формализирање на економските активности и намалување на административното и парафискалното оптоварување.
Затоа, неопходно е низ системот на образование и јавното информирање континуирано да се преземаат активности за подигнување на свеста на граѓаните за негативните ефекти од неформалната економија и на тој начин да се влијае во насока на зголемување на даночниот морал, со што ќе се придонесе кон подигнување на квалитетот на јавните добра и услуги што ги обезбедува земјата.
Минатата година, Министерството за финансии со поддршка на УНДП започна информативна кампања „Внеси боја“ и тргнавме од максимата „Помалку сива економија, поквалитетен живот!“. Симболично, со исцртување круг во сива боја, го означивме стартот на активностите за намалување на сивата економија преку зголемување на свеста на граѓаните.
Сивата економија е горлив предизвик и за нашата економија
Иако, како што споменав погоре, фокусот изминатите години беше на решавање и носење мерки за постојаните економски кризи кои последните две години му се случуваат на светот, од кои нашата економија не е исклучок, а сивата економија и понатаму останува еден од нашите најголеми предизвици. Намалувањето на сивата економија има големо значење во контекст на креирање можности за раст, планирање и спроведување на стратегиите за одржлив и инклузивен развој.
Компаниите што работат во сивата економија имаат помали можности за раст, имаат помал, дури и непостоечки, пристап до финансии, што е клучен елемент во нивниот развој. Тие не можат да привлечат квалитетен и професионален кадар, што резултира со развој на тие фирми под нивниот потенцијал. Дополнително, сивата економија е особено застапена помеѓу најранливите категории и ја зголемува нееднаквоста и сиромаштијата кај овие граѓани, додека самите работници заработуваат помалку во споредба со тие што работат во формалната економија. Државата, пак, има помала даночна основа и следствено помалку средства за квалитетни јавни услуги.
Оценките се дека во Република Северна Македонија сивата економија изнесува околу 33%. Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и да дадеме свој придонес. Преминот од неформален во формален сектор ќе придонесе за воспоставување предвидливо и стабилно деловно окружување, рамноправни услови за работа и здрава конкуренција. Исто така, ќе овозможи создавање услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, зајакнување на даночниот морал, како и зголемување на бруто-домашниот производ.
Ова ни кажува колку е важно да преземеме итни мерки за сузбивање на неформалната економија.
Активностите предвидени со Акцискиот план на Министерството за финансии се базираат на поддршка и стимулација на формализацијата на неформалните активности преку зголемување на погодностите од влегување во формалната економија. Активностите што се дел од Планот се базираат на позитивните искуства од земјите од Европската Унија. Тие ги опфаќаат двете страни на неформалниот пазар – понудата и побарувачката. Така, на страната на побарувачката се предвидуваат стимулации и превентивни мерки за премин кон формални производи и услуги преку намалување на трошоците за истите и обезбедување еднакви услови за сите компании. Кај понудата, формалноста се поттикнува и ќе се поттикнува во рамки на целиот синџир на добавување, преку стимулативни мерки (и даночни погодности) за целосно формалните компании. Притоа, особен акцент е ставен на унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот за да се обезбеди поголема рамноправност на сите учесници на пазарот.
Мерките се однесуваат и на модернизација на процесите, како на пример е-трговијата којашто зема сè поголем замав и креира нелојална конкуренција меѓу малите и средни претпријатија, како главен двигател на економскиот развој. Приоритети се: унапредувањето на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива, како и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде што ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата. Иницијативи што исто така се очекува да имаат значаен придонес во сузбивањето на сивата економија се намалување на готовинското плаќање преку новите реформи во платниот систем и платежните услуги со либерализација на платниот промет и воведување финтек решенија покрај банкарскиот сектор од почетокот на 2023 година, потоа воведувањето на системот на е-фактури и е-фискализација од страна на УЈП, како и системот на обележување и следење „track and trace“ за акцизните добра (особено тутунот и алкохолните пијалаци) од страна на Царинската управа, како и други процеси на дигитализација во овие две институции.
Сивата економија е динамична и опстојува, но може да се намали
Неформалната економија е активност која своите форми брзо ги приспособува на новите начини на работа и на континуираните промени во начините на економско делување и бизнис моделите. Оттука, борбата со сивата економија треба да е динамичен процес, кој будно следи и гради стратегии со кои ефикасно ќе се адресираат неефикасностите во системот како и на институциите во спречувањето на оваа појава. Трендовите на глобализација, дигитализација, прекуграничната сива економија и промените во начинот на работа и бизнис моделите остануваат предизвик, и истите треба да бидат опфатени во стратегиите за борба против оваа појава. Затоа континуирано се реализираат активности за намалување на неформалната економија и нејзино понатамошно формализирање, бидејќи тоа претставува клучен чекор во воспоставување функционална пазарна економија, рамноправни можности за работа и здрава конкуренција. Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните.
Исто така, целта е да се зголеми и правичноста на даночниот систем, да се подобри довербата помеѓу економските агенти, државата и граѓаните, и да се зајакне даночниот морал. Формализацијата на неформалната економија е особено важна за најранливите категории граѓани, што ќе овозможи да се подобри нивната социјална заштита и сигурност, како и пристапот до други бенефиции што произлегуваат од работниот однос.
Тука, како успешна приказна ќе го издвојам проектот Мој ДДВ, во кој скоро четири години десетици илјади граѓани учествуваат и помагаат да се намали сивата економија. На ваков начин се јакне даночниот морал кај граѓаните. Сите оние што скенираат се на некој начин инспектори и надоместокот што го добиваат со повратот на ДДВ е само симболично нешто во споредба со придобивките коишто понатаму ќе можат да се испорачаат преку јавните услуги. Од следната година веќе ќе се зголеми и месечниот поврат на ДДВ, и на тој начин уште повеќе ја зголемуваме мотивацијата на граѓаните во борбата против сивата економија.
Во намалувањето на неформалната економија покрај државата треба да се вклучени и стопанските субјекти и граѓаните. Тоа може да се направи преку лична одлука да не се учествува во неформалната економија, поточно со барање фискална сметка или фактура за секое извршено плаќање.
„Да не е исплатливо да си во сивата економија“
Според економската логика, ако сакаме да ја намалиме неформалната економија, треба истата да ја направиме економски „неатрактивна“. Односно, неформалната економија треба да се направи неисплатлива со цел да се намали интересот да се остане во таа зона. Кажано со стручен економски речник, треба да се зголеми опортунитетниот трошок на неформалната економија, т.е. да се зголеми изгубената корист, придобивката што ќе ја имаат доколку се вклучени во формалниот сектор. Тоа е можно со делување од една страна преку зголемување на трошоците на неформалниот сектор или ризикот од делување во неформалниот сектор, и од друга страна преку зголемување на бенефициите во формалниот сектор.
Намалување на бирoкратијата и јакнење на институциите
Покрај овие финансиски придобивки и трошоци, исто така значајно влијание во нивото на неформалната економија има подобрувањето на деловната клима и зајакнувањето на институционалните капацитети, намалувањето на бирократијата и зголемувањето на ефикасноста на институциите, вклучително и на инспекциските служби, како и поедноставување на процедурите за регистрација и вршење бизнис. Ќе истакнам, јакнењето на формалниот сектор е силен сигнал и за инвеститорите, како за домашните така и за странските. Тие треба да препознаат силен и доверлив систем, којшто е праведен кон сите и ги штити субјектите во него. Како економија можеме многу да понудиме, тоа и го препознаваат странските инвеститори кои се покажа дека и во најголема криза инвестираат кај нас. Добар пример се две германски инвестиции во високотехнолошки производствени капацитети, едната вчера започна со изградба на фабрика од 130 милиони евра, која ќе вработи 900 работници и ќе произведува електрични возила, и другата инвестиција од 126 милиони евра во фармацевтската индустрија промовирана во јуни оваа година. Борбата со неформалното е многу важна за да дадеме дополнителна сигурност на стопанството и понатаму да останеме посакувана дестинација за странските брендови, кои, пак, носат многу економски бенефити.
На овој список би го додале и значењето да се има едноставен и ефикасен даночен систем, но секако и унапредувањето на сметководствените стандарди (предвидени во новиот Закон што се усвои минатиот месец), како и иновативни извршни програми за лидершип и претприемништво што ќе придонесат во подобрување на процесот на донесување одлуки и со тоа и на нивната конкурентност и успешност во работењето. Секако, важна улога ќе игра и подигањето на даночниот морал и јавната свест за импликациите од неформалната економија и воедно информирање за можностите секој да даде свој придонес во намалување на оваа појава, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот.
Пред да ја завршам оваа колумна уште еднаш ќе го потенцирам она што го напишав во претходната колумна, но го повторував и на јавните дискусии, а тоа е дека даночните реформи не се цел сама за себе или исклучиво од фискални мотиви, туку со тоа настојуваме да добиеме поголема транспарентност, ефикасност и правичност на даночниот систем, кој ќе биде во функција на економскиот раст и подобрување на квалитетот на живот. Со тоа, и заедно со реформите на расходната страна на Буџетот, фискалните правила и подобрувањето на управувањето со јавните финансии според концептот на СМАРТ финансии ќе обезбедиме поголема поддршка за стопанството и поттик на инвестициите, зголемување на конкурентноста преку поддршка на инвестициите во истражувања и развој, зелена трансформација, дигитализација, како и поддршка на ранливите категории граѓани, обезбедување поквалитетно здравство и образование, зајакнување на човечкиот капитал, но и подобрување на инфраструктурата. Сите овие преку еден транспарентен и отчетен процес ќе бидат опфатени во Буџетот со својата среднорочна рамка, кој ќе биде дизајниран според концептот „вредност на парите“ (value for money) и мониторинг алатки според т.н. клучни индикатори на успешност на буџетските политики (key performance indicators).
На крајот би посочил, ако секој си го плаќа својот фер дел од давачките, не само што сите заедно ќе плаќаме помалку туку и ќе живееме поубаво, заеднички ползувајќи ги бенефитите од подобриот систем што ќе го изградиме заедно.
„Не прашувајте што може вашата држава да направи за вас – запрашајте се што можете вие да направите за неа.“ (Џ. Кенеди)
Фатмир Бесими, министер за финансии