Вести|

15 август 2022, Скопје – Министерството за финансии продолжува со серијата состаноци во рамки на јавната дебата за Концептот на даночна реформа. Денеска во Министерството за финансии Концептот беше презентиран од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими пред претставници на невладиниот сектор, консултантските и ревизорски друштва, како и други организации. На состанокот присуствуваа директорките и заменик-директорите на Управата за јавни приходи и Царинската управа, Сања Лукаревска и Абдул-Селам Селами и Славица Кутиров и Муарем Асани.

На состанокот министерот истакна, како и на претходните состаноци одржани во рамки на јавната дебата, дека станува збор за Нацрт-концепт на даночна реформа којшто ќе биде дефиниран откако ќе заврши јавната дебата и откако ќе биде претставен пред сите чинители во општеството.

„Ова е потребно за да даночната реформа биде одржлива. Таа не е решение кое треба да се гледа како потреба за да се обезбедат повеќе средства во Буџетот, туку претставува реформа за постигнување одржлив економски раст. Затоа и следи откако претходно со нов Закон за буџети се дефинираа фискални правила за начинот на кој ќе се трошат средствата на граѓаните“, рече министерот Бесими и додаде дека потребата од спроведување ваква реформа произлегува и од фактот што земјава има едно од најниските нивоа на учество на приходите од даноци и придонеси во БДП во споредба со земјите од ЕУ.

„Како што и досега посочував на одржаните состаноци, и денеска повторувам дека нема конечни решенија, нема зголемување на даноците. Концептот на даночната реформа се однесува на зголемување на опфатот на приходите што се предмет на оданочување, преку преиспитување на преференцијалниот третман на одредени категории извори на приходи, инвестиции и категории деловни субјекти, како и преку воведување повеќе обврзници во системот на оданочување преку намалување на неформалната економија“, истакна министерот.

Овој процес е инклузивен и транспарентен. Во таа насока се и состаноците што ќе се одржуваат во наредниот период со експерти, претставници на МАНУ и слично, но секој има можност да придонесе со свој конструктивен предлог или став и преку испраќање порака до Министерството за финансии на посебно креиран линк на веб-страницата на Министерството.

Јавната дебата за Концептот на даночната реформа започна на почетокот на овој месец и истата ќе трае до средината на септември, по што се очекува да се излезе со предлог законски решенија. Реформата ќе се спроведува етапно во период од 2023 до 2025 година.

Концептот на даночна реформа се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), кои се однесуваат на поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите и афирмирање еколошка даночна политика.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *