Вести|

25 август 2022, Скопје – Јавниот сектор ќе ги намирува обврските кон приватните компании за 30 дена. Предлог-измените на Законот за финансиска дисциплина, којшто е предлог на Министерството за финансии, а беше прифатен од Владата, предвидува од 2025 година рокот за исплати на обврските на државата кон приватниот сектор да се сведе на 30 дена.

Со предлогот се предвидува постепено намалување на рокот на плаќање на обврските на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамки на Трезорската сметка на Министерството за финансии. Така што, од 60 дена колку што изнесува рокот сега од 1 јануари 2023 година тој рок се намалува на 50 дена, од 1 јануари 2024 дополнително ќе се намали за уште 10 дена и ќе изнесува 40 дена и од јануари 2025 година истиот ќе биде 30 дена.

Се скратува и рокот за плаќањата на јавниот сектор чии сметки се во рамки на Трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, од 90 на 60 дена. Со предложените измени се предлага од јануари 2023 година рокот за намирување на паричните обврски на овие субјекти да изнесува 80 дена, од јануари 2024 година 70 дена и од јануари 2025 година да изнесува 60 дена.

Измените се вршат со цел усогласување со роковите за исполнување на паричните обврски согласно Директивата на ЕУ за задоцнето плаќање.

Во актуелниот Закон за финансиска дисциплина е уредено дека во деловните трансакции меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор, кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.

Исто така, со него се пропишува дека во деловна трансакција кога Фондот за здравствено осигурување на Македонија и корисниците на средства од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, јавните здравствени установи и Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетските клиники, завод и ургентен центар се јавуваат како должници, не може да договорат рок за исполнување на паричната обврска подолг од 90 дена.

Актуелниот Закон за финансиска дисциплина е на сила од мај 2014 година и со него се обезбедува сигурна наплата на побарувањата и истиот ја обезбедува ликвидноста на компаниите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window