Вести|

1 септември 2022, Скопје – Концептот на даночна реформа, за кој Министерството за финансии отвори широка дебата во јавноста, денеска беше претставен од страна на министерот за финансии, Фатмир Бесими пред претставници на политички партии и меѓународни фондации. Како и на сите досега одржани состаноци во рамки на јавната дебата, на средбата присуствуваше раководството на Управата за јавни приходи и на Царинската управа.

„Отпочнавме процес на широки консултации и дебата со сите заинтересирани страни. Тоа е основно за една демократска држава како што е РС Македонија, а воедно претставува и алатка за дизајнирање решенија кои ќе имаат поддршка и кои ќе бидат одржливи на долг рок. Низ консултациите досега слушнавме различни мислења, ставови, аргументи, денеска ќе ги слушнеме и вашите и сметам дека на ваков консултативен, инклузивен и транспарентен начин ќе дојдеме до системско решение кое ќе доведе до она што е крајната цел, а тоа е воспоставување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем на долг рок“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека консултациите за овој процес започнаа уште во 2020 година, паралелно со анализите на перформансите на даночниот систем и потребите за негово унапредување, што значи дека предложениот концепт не е еднократно решение коешто се носи во време на криза со главна цел зголемување на буџетските приходи.

„Даночните стапки, а особено учеството на даночните приходи во БДП, во РС Македонија се на пониско ниво од она на земјите од ЕУ и од регионот. Ова, како земја која се стреми да ги достигне стандардите на ЕУ и квалитетот на јавните услуги, покажува дека се потребни промени. Затоа и го почнавме овој процес со носење на Стратегијата за даночна реформа и преку ваков сеопфатен пристап да дојдеме до најоптималното решение“, потенцира министерот.

Тој посочи дека реформата е важна за идниот економски раст и праведноста во даночното оптоварување и дека очекува низ конструктивен дијалог да се добие поддршка за реформа што ќе биде дефинирана откако ќе заврши дебатата и ќе се слушнат сите засегнати страни.

„Ова е реформа којашто се однесува на сите. Секој е даночен обврзник и треба да се гледа целината, односно целта што се сака да се постигне и да се надминат личните интереси. Тоа е придонес кон општата благосостојба во земјата“, рече министерот и додаде дека очекува од политичките партии застапени во Парламентот поддршка за ова прашање како што претходно се постигна за Законот за финансирање на локалната самоуправа и Законот за буџети.

„Тоа покажува дека не се стремиме само кон унапредено прибирање на приходите, туку и кон реформи за поголема ефикасност и транспарентност како се трошат тие прибрани приходи. Со новиот Закон за буџети се воспоставуваат фискалните правила кои го утврдуваат буџетскиот дефицит, нивото на јавниот долг, се утврдуваат механизми за поефикасно трошење на буџетските средства, а се унапредува и фискалната децентрализација“, истакна министерот Бесими, додавајќи дека се преземаат и мерки за намалување на сивата економија, односно мерки што ќе придонесат за формализација на неформалната економија.

На состанокот, иницијативата за дебата за концептот на даночна реформа беше оценетa како позитивен придонес во изнесувањето различни мислења и нивно инкорпорирање во крајните решенија.

Концептот на даночна реформа се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Тоа се: поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите и афирмирање на еколошката даночна политика.

Станува збор за реформа која етапно ќе се имплементира во период од 2023 до 2025 година, а која ги содржи и препораките од меѓународните организации. Јавната дебата започна на почетокот на овој месец.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window