Вести|

5 септември 2022 – Инвестиции во зелена транзиција за мали и средни компании преку нови 100 милиони евра од ЕИБ преку Развојната банка на РС Македонија, интерконекторот со Грција, железничките делници од Коридорот 8, како и други проекти со фокус на зелена економија беа тема на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел. Европската инвестициска банка е еден од најголемите финансиери на зелена економија во светот, а во моментов нејзината поддршка во проекти на јавниот сектор во нашата држава изнесува 246,9 милиони евра.

Новите 100 милиони евра за малите и средни компании, како што беше истакнато, се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.

На состанокот беше разговарано за важноста на тековните и идните проекти финансирани од ЕИБ, како што се пречистителната станица Скопје, третата фаза од железницата кон Бугарија како дел од Коридорот 8, како и железничката делница од Коридорот 8, Кичево – Струга, проект за којшто банката изрази интерес да биде водечка финансиска институција за негова подготовка.

Министерот Бесими истакна дека во моментов најголем приоритет е справување со енергетската криза при што покрај мерките што се преземаат за ублажување на ефектите, важно е да се инвестира во проекти со трајна вредност.

„Владата е посветена на инвестиции во зелената транзиција и промена на енергетската структура во земјата што ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергетски ресурси со фокус на обновливи извори. Потребно е да се забрза реализацијата на предвидените проекти за кои се обезбедени финансиски средства“, истакна Бесими и додаде дека треба да се креираат политики што ќе овозможат нашата економија да стане одржлива, модерна и посилна од претходно.

Директорот на ЕИБ во РС Македонија, Бјорн Габриел, ја потврди поддршката на банката во остварувањето на нашите цели и реформи согласно политиките на ЕУ и дополнително посочи дека банката е подготвена во наредниот период да ја разгледа можноста за директна поддршка на компаниите од приватниот сектор.

Од 1991 година досега ЕИБ ја има поддржано нашата економија со над една милијарда евра инвестиции во клучни инфраструктурни проекти како и за поддршка на мали и средни компании.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window