Конкурс за ученици од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври
Врз основа на Одлуката за објавување Конкурс за учениците од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври и одобрување средства O бр. 24-31771/1 од 26 септември 2022 година, Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии на Република Северна Македонија објавуваат
К О Н К У Р С
за учениците од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври
Тема и услови на Конкурсот за учениците од основното образование
Учениците од основното образование може да испратат литературна и/или ликовна творба на темата:
„За денарот твориме, за денарот славиме: 30 години од воведувањето на македонскиот денар!“
За избраните најдобри творби на учениците од основното образование ќе им бидат доделени вкупно дванаесет награди, и тоа:
– три награди за најдобра литературна творба ‒ песна, за учениците од 1. до 5. одделение;
– три награди за најдобра ликовна творба ‒ цртеж/дигитален цртеж, за учениците од 1. до 5. одделение;
– три награди за најдобра литературна творба – расказ, за учениците од 6. до 9. одделение; и
– три награди за најдобра ликовна творба – цртеж/дигитален цртеж, за учениците од 6. до 9. одделение.
На наградените ученици од основното образование ќе им биде доделена парична награда во износ од по 3.000,00 денари, со исплата на истата на трансакциска сметка во банка во Република Северна Македонија, по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 21 октомври 2022 година.
Тема и услови на Конкурсот за учениците од средно образование
Учениците од средното образование може да учествуваат на Конкурсот со испраќање литературна творба ‒ есеј на тема:
„Македонскиот денар како национална валута ‒ еден од симболите на независноста“
Есејот треба да има најмногу 1.500 зборови и да содржи личен поглед кон темата, со осврт на некои од следниве прашања: што значи монетарната самостојност; денарот како национална валута – прифатеност, обележја и симболи на кованите пари и банкнотите; стабилноста на денарот како валута и штедењето; националните валути – денес и во иднина; што претставува монетарната унија; европската монетарна унија и еврото како заедничка валута.
За избраните три најдобри творби на учениците од средното образование ќе им биде доделена парична награда во износ од по 6.000,00 денари со исплата на истата на трансакциска сметка во банка во Република Северна Македонија, по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 21 октомври 2022 година.
Заеднички услови коишто важат за учениците од основното и средното образование:
Со цел да се заштити работата на учениците, Ве молиме потпишете ги Вашите творби, со тоа што задолжително треба да се наведат следниве информации:
– Име и презиме на ученикот, – Назив на училиштето каде што ученикот посетува настава (одделение / година / општина / село / град), – Име и презиме на родителот / старателот со адреса на живеење и – Телефон за контакт на родителот / старателот / наставникот / професорот. |
Начин на достава на творбите:
Сите творби (цртеж, песна, расказ и есеј) може да се достават директно во Архивата на Народната банка или преку пошта. Литературните творби (песна, расказ и есеј), како и ликовната творба (исклучиво цртеж изработен на дигитален уред) може да се достават по електронски пат на следнава електронска адреса: tvorbi@nbrm.mk
Адреса за достава преку пошта со назнака:
„За Конкурсот по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“
Народна банка на Република Северна Македонија
бул. „Кузман Јосифовски–Питу“ бр. 1, 1000 Скопје
Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат жири-комисии составени од претставници на Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии на Република Северна Македонија, а за разгледувањето на литературните творби на учениците од основното образование се ангажира и надворешен соработник од оваа област.
Пристигнатите творби не се враќаат.
Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2022 година, на интернет-страниците на Народната банка и на Министерството за финансии https://finance.gov.mk/.
За подетални информации може да ни се обратите преку електронската пошта на Народната банка: tvorbi@nbrm.mk и електронската пошта на Министерството за финансии: finance@finance.gov.mk.