30 септември 2022, Скопје – Буџетот за 2023 година ќе биде во насока на менаџирање на енергетската криза и креирање политики кои ќе овозможат нашата економија да стане одржлива, модерна и посилна од претходно. Притоа, особено е важно водењето претпазливи домашни политики и изнаоѓање најприфатливи услови за финансирање на потребите на државата. Во фокусот ќе биде и борбата со сивата економија во новите околности што ги создава кризата на глобално ниво. Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, на панел-дискусијата во рамки на Самитот на министри за финансии, гувернери на централни банки и директори на даночни управи, којшто се одржува во Црна Гора, а е во организација на Сојузот на економисти на Србија. Самитот оваа година се одржува по деветти пат под насловот „Финансиската и монетарната стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“.
„Со Буџетот за наредната година ќе се обезбедат средства за справување со енергетската криза, за капитални инвестиции кои ќе го поттикнат економскиот раст, како и за субвенции во земјоделството со цел поттикнување на домашното производство и очекуван позитивен ефект на цените на храната. Буџетскиот дефицит ќе биде понизок од годинашниот, а воедно, согласно Законот за буџети, ќе се воспостави Фискален совет кој треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, за фискалната стратегија, Буџетот, како и за фискалните ризици“, истакна Николоски на панел-дискусијата „Стабилност на јавните финансии во нестабилно време“.
Во однос на финансирањето на буџетскиот дефицит во услови на зголемување на каматите на финансиските инструменти во светски рамки, Николоски нагласи дека се водат претпазливи домашни политики, при што се изнаоѓаат најприфатливи услови за финансирање на потребите на државата. Притоа, донесена е одлука за издавање хартии од вредност на германскиот пазар, односно НСВ обврзница во износ од 250 милиони евра, со каматна стапка од 3,75% плус 6-месечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од 3 години и 18 месеци грејс период.
„Инструментот со којшто се задолжува државата има пониска цена од онаа што би се постигнала со евентуалното издавање нова еврообврзница, при што овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавниот долг. Овој инструмент го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори“, изјави Николоски и додаде дека за финансирање на проектираниот буџетски дефицит до крајот на годината се планира обезбедување средства од домашниот пазар и од ММФ, а согласно ребалансот на Буџетот за 2022 година.
На панел-дискусијата заедно со заменик-министерот за финансии, на теми поврзани со јавните финансии, говореа и министрите за финансии на Црна Гора, Александар Дамјановиќ и на Албанија Делина Ибрахимај, како и заменик-министерката за финансии на БиХ, Мирјана Вучиќ и регионалниот претставник на Канцеларијата на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле.