Вести|

11 октомври 2022, Скопје – Државата го заокружи целокупното финансирање на Буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки. Министерот за финансии, Фатмир Бесими за време на гостувањето во Дневникот на Сител, посочи дека цената на обезбедениот капитал за финансирање на буџетскиот дефицит и старите долгови што доспеваат е по најповолни услови, поради заложбите на Владата за навремено обезбедување капитал за финансирање на антикризните мерки, но и другите буџетски потреби како што се зголемувањето на пензиите, социјалната помош, минималната плата, земјоделските субвенции и поддршката на фирмите за време на тековната криза.

Со Кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ, за која денес Мисијата на ММФ даде позитивна оценка за користење за нашата земја и којашто се доделува исклучиво на економии со здрави економски фундаменти и со здрави политики, заокружено е потребното финансирање на Буџетот за годинава.

„Ние цела година, од почетокот на кризата, работевме на поповолни услови за финансирање на Буџетот, подобри во однос на оние што би ги добиле доколку издадевме еврообврзница. Доколку издадевме еврообврзница, каматната стапка ќе се движеше околу 8-8,5%. Ние оценивме дека условите не се поволни и затоа не излеговме со еврообврзница, а ниту земјите од регионот, иако имаше обиди за тоа, поради високите каматни стапки коишто достигнуваа и до 11%. Сепак, успеавме да направиме оптимално портфолио согласно рочноста и ниските трошоци. Тука влегуваат средствата во износ од 250 милиони евра преку германската обврзница – инструмент кој досега нашата земја не го издавала, со каматна стапка од 3,75% и 6-месечен ЕУРИБОР. Понатаму, средствата преку Кредитната линија за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ на ММФ, каде што каматната стапка е околу 1%, плус камата на СПВ. Преку комерцијалната банка „Шпаркасе“ обезбедени се 50 милиони евра со камата од 1,15% и 12-месечен ЕУРИБОР. Преку државни хартии од вредност на домашен пазар обезбедени се средства по пондерирана каматна стапка од околу 2,6%. Тука се и средствата што ги користиме како депозит од минатата година во износ од 250 милиони евра со камата од 1,6%. Во просек, заедно со депозитот од претходната година ние постигнавме каматна стапка од 3,3%“, посочи Бесими.

Министерот оцени дека денешната објава на ММФ за користење на 530 милиони евра од Линијата за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ е јасен и позитивен сигнал за политиките на нашата економија кон странските инвеститори. Тој посочи дека оваа програма се дава исклучително за земји што имаат здрави макроекономски политики.

Во интервјуто министерот Бесими истакна дека во Буџетот има доволно средства за покривање на потребите, како и за мерките за намалување на ефектите од кризата. Сепак, нагласи дека тековната светска економска криза е една од најголемите по Втората светска војна наваму и дека можноста целиот шок да се покрие преку Буџетот, а без притоа секој поединечно да не направи заштеда од аспект на користењето на електричната енергија, е невозможно.

Министерот се осврна и на новиот пакет-мерки, за кој рече дека ова не е прв пакет-мерки за справување со енергетската и ценовната криза, туку дека во континуитет се носат мерки и политики за справување со кризата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window