Вести, Колумни|

11 октомври 2022, Скопје – Различни кризи бараат различни решенија. Најдобриот одговор секогаш е оној кој ќе даде најдобри резултати на подолг рок, додека политиките што се носат заденессекогаш треба да го земат предвид иутре“. Тоа е вистинскиот пат за надминување на една криза.

Со ова ја започнувам колумната којашто ќе ја посветам на борбата против тековната криза и мерките што се преземаат за да се олеснат нејзините ефекти. Новиот пакет-мерки е само едeн дел од целиот сет економски политики што се водат со цел задржување на социјалната и економската стабилност. Оттаму, преку овој текст ќе се обидам да ја дадам целосната слика за тоа што е направено и што претстои.

Во изминатите три години светот се соочи со неколку кризи кои се преклопија. Како резултат на неекономски фактори – пандемијата, климатските промени и војната во Украина, светот се соочува со најголемата економска криза од Втората светска војна наваму. Прво, пандемијата предизвика остар пад на економската активност. Потоа, со заздравување на економската активност се создадоа тесни грла во понудата, особено кај енергентите, што предизвика глобални ценовни притисоци. Војната во Украина дополнително ја распламти енергетската криза и инфлацијата. Цената на енергентите, влијанието на увозните врз домашните цени и инфлациските очекувања ќе бидат најголеми предизвици во следниот период.

 

Пандемијата ја надминавме, но дојдоа нови кризи кои бараат нови одговори

Одговорот на фискалната политика на ефектите од пандемијата врз економијата беше енергичен. Забавената економска активност беше стимулирана преку поттикнување на јавната и приватната потрошувачка. Во координација со монетарната политика се дејствуваше кон зголемување на ликвидноста во економијата. Преку шест пакети антикризни мерки во вредност од 1,2 милијарди евра, Владата ги поддржа ранливите категории граѓани, фирмите погодени од кризата и работните места. За оваа цел беше внесен и свеж капитал од странство, чија цена за време на пандемијата беше на историски најниско ниво, поради олабавената монетарна политика на централните банки. Но, ова се одрази и на зголемување на јавниот долг за десетина процентни поени, како што беше случај и со сите земји во развој. Но, целата стратегија даде резултати и падот беше значително ублажен. Следната година економијата продолжи да заздравува и оствари раст од 4%.

Сега сме исправени пред поинакви предизвици. Првичните ефекти од пандемијата беа надминати, но нееднаквото заздравување на понудата и побарувачката создаде тесни грла кај глобалните синџири на добавување. Како резултат на тоа се појавија поизразени ценовни притисоци, пред сè кај енергентите и кај другите примарни производи. Со почетокот на војната во Украина во февруари годинава и санкциите кон и од Русија, овие ценовни притисоци станаа уште поизразени, земајќи ја предвид улогата на Русија и Украина во глобалните синџири на добавување (пред сè енергенти и житни култури).

 

Историски највисоки цени на енергентите и храната, инфлација и трговски дефицит

Цените на нафтата, гасот и на електричната енергија се искачија на историски највисоки нивоа. Цената на природниот гас забележа огромен раст од втората половина на 2021 и во 2022 година. Така, во 2021 година во Европа, просечната цена на гасот порасна за 370% споредено со 2020 година. Во периодот јануари – август 2022 година, просечната цена на природниот гас во Европа достигна 1.389,5 $/1000m3, што е раст од 143,7% споредено со просекот од 2021 година. Во август цената на гасот достигна 2.478,2 $/1000m3. Следствено, порасна и цената на електричната енергија. Во периодот јануари – август 2022 година, просечната цена на електрична енергија изнесува 272,7 EUR/MWh што е за 139,4% повисоко во однос на просечната цена од 2021 година. Во текот на септември просечната цена на електричната енергија изнесува околу 390 EUR/MWh, што е извесно намалување во однос на август 2022 година, кога просечната цена достигна 495 EUR/MWh.

И цените на храната, особено на житарките, се на историски највисоко ниво во светски рамки во последните 22 години, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделие на Обединетите нации и ММФ. Цената на пченката во 2021 беше повисока за 56,9% споредено со 2020 година, додека заклучно со август годинава, просечната цена е повисока за 22,6% во однос на 2021 година. Цената на пченицата во 2021 забележа раст од 23,7% споредено со 2020 година, а просечната цена во периодот јануари – јули 2022 е повисока за 35,6% во однос на просекот од 2021 година. По историски највисоките нивоа во периодот март – мај, цената на пченицата забележа намалување во јуни и јули 2022 година. Цената на сончогледовото масло во 2021 е повисока за 59,4% споредено со 2020 година, додека во периодот јануари–август 2022 просечната цена изнесува 1.820,6 долари за тон што е дополнителен раст од 29,7% споредено со 2021 година. Во март цената достигна 2.361,1 долар, што е историски највисоко ниво, додека во август се спушти на ниво од 1.496,2 долари. Цените на говедското и пилешкото месо, исто така, забележаа раст на светските берзи.

Како мала и отворена економија ние сме исклучително подложни на овие глобални движења. Пред сè, тука е прелевањето на увозните цени врз домашните цени на производите и услугите, што резултираше со забрзување на инфлацијата од почетокот на годината заклучно со август за 11,6% на годишно ниво. Растот на цените на прехранбените производи, нафтените деривати и електричната енергија учествува со 73% во растот на инфлацијата во овој период. Базичната инфлација, односно кога ќе се исклучат непостојаните компоненти – храната и енергентите, забележа пораст од 5,9% во првите осум месеци од 2022 година.

Исто така, глобалните движења се одразија врз трговскиот дефицит и тековната сметка, пред сè поради растот на цените на светските берзи. Речиси 70% од потребите за електрична енергија се задоволуваат од домашни производствени капацитети, а околу 30% се увезени. Согласно податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на нето-увозот на електрична енергија во 2021 година е повисока за 126,5 милиони евра, односно за 114,4% во однос на 2020 година. Растот на вредноста на нето-увозот во најголема мера се должеше на растот на цената на електричната енергија на меѓународниот пазар имајќи предвид дека количината на увезена струја во овој период е зголемена само за 6,5%. Ова уште повеќе се гледа преку податоците за 2022 година, кога заклучно со јули увозот достигна 351 милион евра, што е зголемување за 220% споредено со истиот период претходната година, во услови кога количината на нето–увезена енергија е намалена за околу 22%. Слична е состојбата и со увозот на нафта и производи од нафта со раст на вредноста на увозот за 62,5% во 2021 година во споредба со 2020 година, во услови кога количински нето-увозот порасна за 5,5%, додека во првите седум месеци од 2022 година вредноста на нето-увозот на нафта порасна за 119% во однос на 2021 година, при што количински нето-увозот е зголемен само за 9,4%. Како резултат на ова, во текот на 2021 и 2022 година трговскиот дефицит значително се прошири забележувајќи високи стапки на раст.

Од почетокот на годинава, нашата економија продолжи да заздравува, со раст во првото полугодие од 2,6%. Сепак, дополнителни закани, покрај горенаведените, се очекуваната поголема претпазливост на потрошувачите и инвеститорите, влијанието на цената на енергентите врз производствените капацитети и ефектите врз извозот.

Тука се поставува равенката за политиките што треба да ги примени Владата во оваа специфична криза. Од една страна треба да се зачува економската активност во позитивната зона, како социјалната стабилност, а од друга страна треба да се зачува макроекономската стабилност, од аспект на долгот и инфлацијата, односно народски кажано „да не долеваме масло на огнот“.

 

Таргетирани мерки се најдобриот одговор

Уште пред неколку месеци, во една претходна колумна зборував за дизајнирање мерки во едни вакви специфични околности. Препораките на Меѓународниот монетарен фонд, анализирајќи ја тековната ситуација во светот (која патем во тој период не беше ескалирана до овој степен), беа во насока да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, а притоа да се преземат мерки за да се заштитат најранливите категории. Имено, ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Добар пример е побарувачката за енергија, која на кус рок е нееластична, но на среден рок таа станува еластична, односно со растот на цената може да се намали побарувачката. Со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

ММФ препорачува таргетирани мерки, коишто се однесуваат на најранливите категории граѓани на кои им е потребна поддршка за да се зачува социјалната стабилност во време на кризата. Слична препорака за фискалната политика дава и Советот на ЕУ, којшто во својата последна изјава од октомври посочува дека фискалната политика треба да реагира на енергетската криза и на инфлациските притисоци. Советот прецизира дека реакцијата треба да биде насочена на поддршка на ранливите категории граѓани и бизниси, мерките насочени кон приходите да се исклучоци, привремени и насочени кон оние на кои им се најпотребни. Понатаму, тие посочуваат, исто како и Фондот, дека треба да се настојува за намалување на потрошувачката на енергија, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и други политики коишто нема да ги нарушат пазарните спреги на долг рок. Исто така истакнуваат дека фискалната политика треба да се воздржува од мерки и активности кои ќе додаваат на инфлаторните притисоци, како и дека потенцијалот за раст треба да се зголемува внимателно без притоа да се попречат целите на монетарната политика да ја стабилизира инфлацијата на среден рок. Тие потсетуваат и дека широката поддршка на агрегатната побарувачка (каква што беше за време на пандемијата) преку фискалните политики, сега не е оправдана.

Исто така, препораките на меѓународните финансиски организации, како ММФ и Светска банка, се во насока на фискална одржливост. Имајќи предвид дека државниот долг за време на пандемијата нагло се зголеми кај најголемиот број економии во развој, препораката останува постепена фискална консолидација.

Економските политики што ги води оваа Влада се претпазливи и аналитични. Секој чекор што го преземаме во борбата против оваа светска економска криза е добро обмислен – неговите тековни ефекти, но и неговите среднорочни и долгорочни последици. Во кризни времиња, со голем број засегнати страни, очекувано е да се наиде на отпор и негодување за одредени преземени чекори во насока дека се ненавремени или слаби. Но треба да се има предвид и дека станува збор за исклучително комплексна ситуација и дека секогаш се гледа најоптималното решение кое ќе придонесе за решавање на кризата во целина.

 

Трите компоненти на борбата против тековната криза

Нашата борба против кризата се состои од три компоненти. Прво, тековно справување со кризата и заштита на најранливите категории граѓани и фирми. Второ, обезбедување фискална одржливост и со тоа задржување на макроекономската стабилност. Трето, напоредно спроведување реформи и поставување нов и подобар систем на јавни финансии, кој по заздравувањето на економијата ќе придонесе за забрзан економски раст.

Од почетокот на енергетската и ценовната криза, нашата Влада даде најенергичен одговор во регионот на Западен Балкан, кој согласно процените на Групацијата Светска банка изнесува околу 5% од БДП. Станува збор за поддршка во вид на субвенции, социјална заштита, даночни ослободувања и поддршка на домашните енергетски компании. За споредба, кај Србија таа изнесува 2,5% од БДП, Косово околу 2,1%, Албанија 1,4%, Босна и Херцеговина 0,5% и Црна Гора 0,1%.

Притоа, на почетокот на војната во Украина реагиравме поенергично, бидејќи имаше ризик од големо забрзување на инфлацијата. Вредноста на мартовскиот пакет-мерки за справување со енергетската и ценовна криза изнесуваше околу 400 милиони евра за директна поддршка на граѓаните за подобрување на животниот стандард и поддршка на стопанството и компаниите. Мерките за намалување на ДДВ за електрична енергија (од 18% на 5%) и за основни прехранбени производи (од 5% на 0%) влијаеја на намалувањето на инфлацијата за околу 3 процентни поени, при што стапката на инфлација за периодот јануари – јуни 2022 година изнесува 10% наместо 13% (колку што би изнесувала да ги немаше овие мерки). Притоа, дел од мерките од овој пакет коишто се однесуваат на даночни ослободувања и евтини кредити за фирмите се пренесоа и понатаму, односно до крајот на годината.

Владата, исто така, обезбеди трансфери кон ЕСМ со цел ублажување на ефектите од растот на пазарната цена на електричната енергија, односно на регулираниот пазар сега се плаќа само 20% од реалната пазарна цена.

Дополнително, со ребалансот на Буџетот за 2022 година беа донесени и нови мерки, потаргетирани во споредба со мартовскиот пакет. Имено, со ребалансот се зголеми социјалната гарантирана минимална помош за права од социјална заштита за 36.000 домаќинства. Понатаму, обезбедивме дополнителни 73 милиони евра за покачување на пензиите на над 330.000 приматели на пензија. Дополнителни 17,5 милиони евра обезбедивме за субвенции за придонеси за покачување на платите во приватниот сектор. За субвенции и трансфери за земјоделците обезбедивме дополнителни 52 милиона евра, во насока на полесно справување со кризата за снабдување со храна. Беа обезбедени и дополнителни средства за трансфери кон енергетските компании со цел одржување на цената на електричната енергија на пониски нивоа.

Со октомврискиот, најнов пакет-мерки којшто Владата го претстави во неделата, во вредност од околу 360 милиони евра, одиме повторно со таргетирани мерки насочени кон најранливите категории граѓани, таргетирана поддршка за јавни и здравствени установи, поддршка на ликвидноста на компаниите и инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со цел да дадат најоптимални резултати. Предвидена е финансиска поддршка за околу 42.000 корисници на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26-годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лица со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, а не користат право заради попреченост, самохрани родители корисници на гарантирана минимална помош, невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок (стечајни работници). Тие ќе добија четирикратно по 3.000 денари месечно, односно вкупно 200 евра финансиска поддршка за полесно соочување со кризата. Исто така, за примателите на пониски пензии предвидени се финансиски додатоци, и тоа за оние што примаат под 11.500 денари месечно ќе добијат вкупно 100 евра и оние чијашто пензија изнесува од 11.500 до 14.000 денари ќе добијат 50 евра. Станува збор за околу 160.000 корисници на пензија.

Во рамки на мерките за поддршка на компаниите се предвидува проширување на опсегот на компании кои се корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Понатаму, предвидена е директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци и занаетчии од производствената дејност. Ќе се забрза и зголеми поврат на ДДВ, коригиран за ефектот на инфлацијата и реалниот раст и ќе се продолжи мерката преку Развојната банка и комерцијалните банки за кредитирање проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, а дополнително ќе се помогне и за консултантски услуги за изработка на проектите.

Продолжува и субвенционирањето на енергетските компании со цел одржување пониска цена на електричната енергија од пазарната, а воедно основните и средните училишта се воведуваат на регулираниот пазар, додека на здравствените установи ќе им се продава електрична енергија по цена пониска од пазарната.

Продолжуваат и дел од мерките донесени со мартовскиот пакет антикризни мерки. Примената на повластената даночна стапка на ДДВ од 5% за прометот со електрична енергија за домаќинствата ќе трае до крајот на годината. Исто така, ќе продолжи директната финансиска поддршка за ранливи категории потрошувачи на електрична енергија (Програма за енергетска сиромаштија). Ослободувањето од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување ќе продолжи до крајот на годината. Исто така, и понатаму останува на располагање кредитната линија за зелена транзиција преку Развојната банка.

 

Усвоен План од Владата: Фискална консолидација за фискална одржливост

Покрај мерките за поддршка на најранливите категории граѓани и фирми, Владата презема мерки и во насока на задржување на макроекономската стабилност. Тука би го спомнал и Планот за фискална одржливост за буџетските корисници, којшто беше усвоен во неделата од страна на Владата, покрај пакетот-мерки.

Во рамки на Планот е содржана консолидација на трошоците за плати преку рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционалната анализа, како и реорганизација на начинот на извршување на работните обврски во зависност од нивната природа и воспоставување работа од дома, до 30% од вработените, со нивно ротирање, без да се наруши редовното функционирање на институцијата. Понатаму, предвидена е консолидација на расходите за стоки и услуги, преку штедење на режиските и патните трошоци и канцелариските материјали. Исто така, се предвидуваат и нови механизми за реализација на капиталните расходи, вклучително и механизмот КАПЕФ, кој досега покажа добри резултати.

Едновремено ќе продолжи да се работи на подобрување на наплатата на давачките преку понатамошно унапредување на даночната регулатива во насока на оптимизација на даночниот систем, како и зајакнување на капацитетите за прибирање на јавните приходи и за забрзана наплата на приходите од даночните и царинските должници. Ќе се работи на унапредување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на акцизните приходи преку развој на политики, системи, постапки и инструменти за ефикасна контрола и наплата на приходите, понатамошно унапредување на бесхартиениот систем за управување со акцизните документи и зголемување на ефикасноста на акцизните контроли преку воведување таргетирани контроли на високоризични акцизни добра, како и преку интензивирање на соработката со релевантните агенции во земјите на ЕУ и меѓународните институции. Исто така, се зајакнуваат активностите за спречување на даночната евазија, како и подигање на јавната свест за штетните последици од сивата економија и јакнење на даночниот морал.

За реформите во управувањето со јавните финансии пишував претходно, пред сè за новиот Закон за буџети, а ќе пишувам и понатаму пошироко во некоја од следните колумни.

 

Борба на повеќе нивоа

На крајот би сакал да нагласам, треба да имаме предвид дека оваа битка ја биеме на повеќе фронтови и дека секоја акција што ја преземаме има влијанија на повеќе нивоа. Настојуваме на најоптимален начин, со најмали последици за сите, да ја пребродиме и оваа криза. И верувам дека во тоа ќе успееме, впрочем како што успешно се изборивме со економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, што го нотираат и меѓународните финансиски институции. Со ладна глава и широка перспектива, како и силно чувство на лична одговорност на сите општествени чинители, ќе го надминеме и овој предизвик. Сите заедно ќе ја оставиме зад нас и оваа криза, а колку брзо – повторно зависи од сите нас.

 

Фатмир Бесими, министер за финансии

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window