Вести|

15 октомври 2022, Вашингтон – РС Македонија спроведува здрави и соодветни економски политики. Тоа беше потврдено и со веќе завршените преговори за користење на Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) на оваа меѓународна финансиска институција. Истото беше констатирано и на средбaта на министерот за финансии, Фатмир Бесими со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, која се реализираше во седиштето на ММФ во Вашингтон.

„Оваа криза е од глобален карактер и има сериозен импакт врз македонската економија, која како мала и отворена економија зависи многу од случувањата, особено во европски контекст. За справување со предизвиците потребна е поддршка и на ранливите категории граѓани и токму тоа и го прави Владата со донесените антикризни мерки. Истовремено, се води и внимателна фискална политика, со заштеди на помалку приоритетните расходи и обезбедување средства за покривање на буџетскиот дефицит по оптимални услови. Овие политики беа препознаени од ММФ и создадоа услови да можеме да го користиме инструментот ПЛЛ“, истакна министерот Бесими.

РС Македонија доби пристап да користи 530 милиони евра од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, што овозможува користење средства по значително поволни услови.

„Го избравте вистинскиот инструмент за контролирање на инфлацијата, справување со енергетската криза и фискална консолидација“, истакна заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Аранжманот со ММФ е важен сигнал до меѓународните инвеститори, бидејќи влева дополнителна доверба во здравите политики на државата. Воедно, РС Македонија успеа и во време на криза да го затвори финансирањето на Буџетот до крајот на годината со пониски трошоци.

Заедно со средствата од ММФ е финализирано финансирањето на планираните програми и мерки во Буџетот за 2022 година, а кои се насочени кон сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството, како и за ублажување на влијанието од инфлацијата, особено кај најранливите категории. Дополнително, средствата се насочени и кон проекти и спроведување реформи коишто на среден и долг рок ќе значат забрзан економски раст и подигнување на стандардот на граѓаните.

Министерот за финансии Фатмир Бесими со средбата со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, ја заврши посетата на Вашингтон каде што учествуваше на Годишните средби на ММФ и СБ. За време на престојот на Вашингтон, министерот оствари средби со високи претставници на ММФ, Светска банка, ЕБОР, ИФЦ, а реализираше состанок и во Трезорот на САД.

На состаноците министерот ги претстави напорите и мерките што ги презема Владата за справување со енергетската и ценовната криза, истовремено и за одржување на макроекономската стабилност.

Годишните средби на ММФ и Светска банка овозможуваат на едно место министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис-заедницата и невладиниот сектор и експерти да дискутираат за актуелни прашања и да бараат начини за нивно надминување.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window