Вести|

25 октомври 2022, Скопје – Буџетскиот дефицит ќе продолжи да се стеснува и со новиот Буџет за 2023 година, со што веќе трета година по ред од започнувањето на кризата предизвикана од ковид-19 се оди со постепена фискална консолидација. Догодина доспеваат и стари обврски во износ од 800 милиони евра, меѓу кои и еврообврзницата од 450 милиони евра издадена во 2016 година. На среден рок, има уште неколку бедеми што треба да се надминат по однос на финансирање доспеани обврски, пред сè на обврските акумулирани за време на ковид-кризата. Но, со умерен пристап и комбинираното штедење и водење соодветни политики кои ќе го поттикнат растот и зголемат приходите, ќе ги премостиме и нив, пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Само по основ на главнина во 2023 година доспеваат стари обврски во износ од околу 800 милиони евра, од кои 450 милиони евра се однесуваат на еврообврзницата издадена во 2016 година. Притоа, каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеан долг и камати заедно надминуваат милијарда евра. Сепак, имајќи ги предвид сите мерки што ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на Буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата“, пишува Бесими.

Тој посочува дека се оди со постепена фискална консолидација, која ќе го поддржи економскиот раст. Комбинираните мерки вклучуваат: I. подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на административните капацитети и подобрување на услугите на УЈП и на Царината, мерки за намалување на сивата економија и даночна реформа, II. намалување и реструктурирање на буџетските расходи, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, поддршка на иновациите и зајакнување на конкурентноста, ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите и III. промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит, репрограмирање на јавниот долг, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавни приватни партнерства, Развоен фонд за стратешки инвестиции и мобилизирање финансиски капитал од меѓународни финансиски институции и преку приватниот сектор.

„Во однос на првите две точки, Владата го усвои Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Тој се состои од три дела: консолидација на расходите во државните институции, подобрување на наплатата на давачките и мерки и препораки за јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост. Исто така, во него е содржан и концептот за конзистентност и оптимизација на економските политики и реформи во однос на економскиот раст, а предвидени се и индикатори на успешност на буџетските програми во однос на приоритетните економски политики и реформи – познати како концепт на „вредност за парите“ (value for money) во Буџетот. За третата точка, соодветни механизми се предвидени со Планот за забрзан економски раст, којшто се однесува на заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст на 5% во просек во следните пет години“, пишува Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window