Вести|

25 октомври 2022, Скопје – Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски денеска учествува на Годишниот самит на „Економист“ што се одржува во Приштина, Република Косово.

Темата на годинашното издание на самитот на „Економист“ е „Градење мостови за мир, просперитет и солидарност“, а заменик-министерот за финансии ќе се обрати на панел-дискусијата „Инвестиции во Западен Балкан и одржлив модел на раст“. Говорници на оваа панел-дискусија ќе бидат министерот за финансии на Република Косово, Хекуран Мурати, регионалниот директор за Западен Балкан на ЕБОР, Матео Колангели, а онлајн вклучување ќе имаат заменик-претседателката на Европската инвестициска банка, Лилијана Павлова и регионалната директорка за Западен Балкан на Светска Банка, Шјаочјинг Ју.

Самитот се одржува во клучно време за регионот поради војната во Украина, променeтата безбедносна и енергетска архитектура во Европа, но и последните придвижувања во евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан.

Меѓу другите, на Самитот ќе земат учество и истакнати личности од САД и Европа, вклучувајќи го Вес Мичел, поранешен помошник државен секратар на САД за европски и евроазиски прашања, Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент и актуелен претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Јоргос Папандреу, претседател на Социјалистичка интернационала и поранешен премиер на Грција, како и значајни претставници од бизнис-заедницата.

На Самитот ќе се развие дијалог и ќе се споделат мислења за справување со предизвиците од актуелната енергетска и ценовна криза.

РС Македонија минатата година беше домаќин на Годишниот самит на лондонски „Економист“, којшто е еден од позначајните настани во регионот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window