Вести|

26 октомври 2022 , Брисел – Република Северна Македонија припаѓа на европското семејство и секогаш може да смета на поддршката од Европската Унија. ЕУ е наш значаен партнер во спроведувањето на реформите на патот кон целосна евроинтеграција, во реализацијата на значајни и приоритетни проекти, но секако значајна улога има и во поддршката на политиките и мерките што ги спроведува Владата во справувањето со кризата. Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан во Брисел.

На средбата министерот ги посочи напорите што ги вложува Владата за да истовремено одговори на предизвиците коишто произлегуваат од кризата и истовремено да продолжи со политиките за забрзан економски раст. Беше истакнато и усвојувањето на новиот Закон за буџети, којшто ќе донесе суштински промени во управувањето со јавните финансии, како и континуираните напори на Министерството за финансии во јакнењето на фискалната транспарентност, како и доброто менаџирање во подготовката на Програмата на економски реформи, суштински документ во пристапниот процес.

Министерството за финансии упати барање до ЕК за макрофинансиска поддршка, за што на средбата беше даден јасен сигнал дека земјата може, како и во ковид-кризата, да смета на поддршката од овој инструмент.

„Нашата земја веќе трета година, како и целиот свет, е во криза. По двегодишната ковид-криза се надоврза енергетската и ценовна криза. Во ковид-кризата беа донесени неколку пакети-мерки во износ од 1,1 милијарда евра за поддршка на населението и бизнисот, а потоа и два пакета од 750 милиони евра за амортизирање на ударот од актуелната криза.

Дополнително од Буџетот, за да се обезбеди субвенционирана цена за снабдување со електрична енергија на граѓаните и околу 70 илјади компании на регулираниот пазар, пласирани се 240 милиони евра во ЕСМ со цел производство на електрична енергија и за обезбедување топлинска енергија. Со тоа поддршката кон населението и стопанството достигнува 1 милијарда евра што претставува значителен притисок врз Буџетот и јавниот долг. Но, сепак, значајно е дека политиките што ги спроведуваме беа препознаени од меѓународните финансиски институции па успеавме да го обезбедиме финансирањето на Буџетот и да го затвориме со најнизок можен трошок“, рече министерот Бесими.

На средбата, министерот Бесими и еврокомесарот Хан се осврнаа на активностите што се одвиваат во рамки на пристапниот процес на земјава во ЕУ по одржувањето на Првата меѓувладина конференција и започнатиот скрининг процес, како и на спроведување на препораките нотирани во Извештајот за напредокот на РС Македонија за 2022 година.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *