Вести|

24 ноември 2022, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими оствари средба во Министерството за финансии со својот колега од Црна Гора, Александар Дамјановиќ, на која беше потврдена добрата економска соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување.

На средбата двајцата министри се осврнаа на општата економска состојба во контекст на кризата, мерките што се преземаат за справување со последиците од економската криза, како и на основните макроекономски политики што се спроведуваат. Тие меѓусебно разменија искуства за решенијата што се применуваат во областа што ја покриваат.

Бесими и Дамјановиќ констатираа дека успешно се имплементираат потпишаните договори помеѓу двете земји за поттикнување на економската соработка и инвестиции и дека треба да се искористат сите можности што стојат на располагање за да се унапреди економската соработка помеѓу двете земји. Затоа беше заклучено да се разгледаат можностите и да се преземат иницијативи за да се зголеми меѓусебната соработка, преку почести средби на експертско ниво.

Исто така, како две земји што чекорат по патот до целосно зачленување во ЕУ, тие разменија искуства во остварување на критериумите за пристапување во ЕУ. Црногорскиот министер понуди да го сподели со Министерството за финансии на РС Македонија искуството на Црна Гора во делот на поглавјата што ги покриваат овие ресори. Притоа беше нагласено дека регионалната соработка и капацитетите на земјите се особено значајни со цел да ги искористат средствата од европските фондови што стојат на располагање.

Стоковата размена меѓу двете земји изнесува над 30 милиони евра, и во 2022 година истата забележа раст од околу 27%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window