Вести|

февруари 2023, Скопје – Побрз економски раст, подобар животен стандард, поголема продуктивност на трудот, подобра деловна клима и структурен развој на приватниот сектор, напредок во институционалната демократија и доброто владеење се дел од придобивките од членството во Европската Унија. Напоредно треба да работиме на изградбата на наш успешен економски модел, базиран на инвестиции, иновации, човечки капитал, инфраструктура и нови технологии, којшто ќе креира нови работни места, побрз, поинклузивен и одржлив раст, зелена транзиција и поквалитетен живот на граѓаните, односно економски модел што ќе ја донесе Европа дома, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна посветена на евроинтеграциите во контекст на нови перспективи и подобар стандард.

„Пред сѐ, членство во ЕУ значи влез на пазар од над половина милијарда потрошувачи. Економската моќ на ЕУ се одразува и во трговијата и странските директни инвестиции, со 16% од вкупното глобално тргување. Интеграцијата во ЕУ за РС Македонија ќе значи влез на 25 пати поголем пазар, петпати повисок номинален БДП по жител (при што реален БДП по жител на нашата економија е околу 40% од оној на ЕУ (според Еуростат), како и значително пониска стапка на невработеност“, посочува Бесими. Тој додава дека во согласност со студиите коишто се однесуваат на придобивките од единствениот пазар на ЕУ, процените се дека бруто-домашниот производ на ЕУ би бил за 9% помал доколку нема целосна интеграција на пазарот, што во просек значи приближно 840 евра помал годишен приход по глава на жител.

„Гледано од оваа перспектива, секоја земја членка е во подобра позиција отколку да е надвор од ЕУ, што укажува на фактот дека Унијата создава нова вредност, односно додадена вредност со позитивни екстерналии. Како што би рекол Аристотел, „Целината е повеќе од збирот на деловите““, истакнува министерот.

Во колумната тој го издвојува и значењето на интегративниот процес за јавните финансии од аспект на реформите за унапредување на системот на јавни финансии, но и пристапот до низата европски фондови.

„Буџетот на Европската Унија за периодот 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, средства насочени кон поддршка на областите: Климатска и дигитална интеграција; Заеднички пазар и иновации; Кохезија, отпорност и заеднички вредности; Природни ресурси и околина; Миграција и управување со граничниот простор; Соседство и свет и Европска јавна администрација. Со процесот на интеграција и пристапување кон Унијата, со секое ново ниво, за земјата се отклучува пристап до нови фондови за финансирање одделни цели“, се наведува во колумната.

Понатаму министерот се осврнува и на други економски и неекономски предности, кои можеби потешко се квантифицираат, но влијаат врз економскиот перформанс на земјата, како што се заедничкото адресирање на климатските промени и загадувањето на почвата и водата, заедничката борба против корупција, криумчарење и спречување перење пари, заштита на правата на граѓаните како потрошувачи, но и сигурноста што ја носат евроатланските интеграции.

Пишувајќи за креирањето најдобар економски модел за раст на домашната економија, а во контекст на еворинтеграциите, министерот Бесими нагласува: „Нам ни е потребен еден економски модел, главно заснован на креирање нови работни места (во приватниот сектор), преку зголемување на конкурентноста, подобрување на инфраструктурата и бизнис-климата, како и  транспарентно и одговорно управување со јавните финансии со цел поддршка и стимулирање инвестиции, како и афирмација на социјалната и територијална кохезија, воедно промовирајќи рамномерен регионален развој. Модел на економски развој, базиран на конкурентна и интегрирана економија, со еднакви можности за сите, би влијаело да не се движиме како желка, туку побрзо да ѝ се приклучиме на оваа таканаречена наша Обединета Европа“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *