Вести|

16 февруари, 2023 – Денес во Министерството за финансии, како дел од Финансиско-економскиот дијалог со ЕУ, министерот Фатмир Бесими, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министри од повеќе ресори и претставници на ЕК одржаа средба на високо ниво. Во рамки на Финансиско-економскиот дијалог со ЕУ се подготвува Програмата на економски реформи и се донесуваат заеднички заклучоци во Советот на ЕУ во мај секоја година. Станува збор за процес којшто земјава континуирано го спроведува во соработка со ЕУ веќе 9 години и со кој се утврдуваат препораки и мерки за остварување на поставените приоритети, а го координира Министерството за финансии.

Целта на оваа средба, како и на дијалогот воопшто, е заеднички да се дојде до предлози за препораки што ќе помогнат во остварување на приоритетите на нашата земја за зголемување на економскиот раст во 2023 година. Дискусијата ќе биде важен чекор во подготовката на овогодишниот Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, на кој во мај 2023 година заеднички ќе се усвојат новите насоки за земјата.

Владата на РС Македонија на почетокот на овој месец ја усвои Програмата на економски реформи 2023-2025 година, во која се содржани клучни секторски структурни реформи  на кои треба да се работи во наредните две години со цел  зголемување на конкурентноста и растот на економијата.

„Тоа е континуиран процес што се спроведува заедно со ЕУ, а во земјава го координира Министерството за финансии. Во рамки на Финансиско-економскиот дијалог се подготви Програмата на економски реформи, којашто содржи среднорочна макроекономска и фискална рамка, како и  19 клучни секторски структурни реформи за зголемување на конкурентноста и растот на економијата. Значајно е дека таа е изработена и е компатибилна со  Програмата за работа на Владата за 2020-2024 година, Ревидираната фискална стратегија за периодот 2023-2025 (со изгледи до 2027), Ревидирана стратегија за управување со јавниот долг 2023-2025 (со изгледи до 2027) и Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, како и со другите национални стратешки документи, што ја покажува нашата определба за вклучување во европското семејство“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој на средбата се осврна на реформите поврзани со фискалната политика коишто Министерството за финансии планира да ги спроведе оваа година.

„Во делот на буџетската политика, имајќи го предвид влијанието на кризата, ќе се обезбеди фискална поддршка за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Ќе продолжиме со отпочнатиот процес на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, со истовремено поттикнување на инвестициите со цел поддршка на растот. Воедно ќе продолжиме и со имплементација на новиот Закон за буџети, како значајна реформа во јавните финансии, спроведување на пакетот-реформи во даночната политика, што претставува воспоставување современ даночен систем кој ќе се заснова на праведност, правичност, ефикасност и дигитализација на процесите, борба со неформалната економија и слично“, рече министерот Бесими, посочувајќи и на реформите во финансискиот сектор.

Министерот изрази благодарност за поддршката од ЕУ за земјата, обезбедена преку грант од 80 милиони евра и макрофинансиска поддршка од 100 милиони евра.

На средбата, претставниците на ЕК се осврнаа на спроведувањето на заедничките заклучоци од ПЕР во делот на структурните политики во областа на зелената транзиција, дигиталната трансформација,  подобрување на деловното окружување и намалување на неформалната економија, додека ресорните министри ги презентираа идните политики од нивна надлежност коишто би можеле да бидат дел од заедничките заклучоци.

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *