11 март 2023, Скопје – Изминатата недела беше исклучително важна за економскиот развој на земјава. Започнуваме со голем инвестициски циклус, со историски проект, којшто не би згрешиле ако го посочиме како еден од најважните и најголемите инфраструктурни проекти во нашата земја – изградбата на 4 делници нов модерен автопат од шест ленти, на коридорите 8 и 10-д, односно патните правци Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. Оваа инвестиција е од исклучително економско и геополитичко значење, како за нас, така и за регионот. Станува збор за раскрсница на два европски коридора, поточно 110 километри нова, модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа, или од 22 до 25 километри нов автопат годишно во следните пет години. Со тоа нашата земја добива компаративна предност којашто претставува одлична основа за подобрување на конкурентноста на нашата економија и раст на БДП.
Ова е крупна инвестиција, во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра, којашто заедно со поврзаните инвестиции достигнува ниво од 10% од нашиот БДП и за истата веќе се обезбедени дел од средствата во Буџетот за 2023 година, а проектирани се средства и за наредните години. Буџетот за 2023 година се заснова врз златното правило во јавните финансии – капиталните расходи да се повисоки од буџетскиот дефицит, односно да се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Годинава, капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 800 милиони евра или за 100 милиони евра повеќе од буџетскиот дефицит. Тие изнесуваат 5,3% од проектираниот БДП и во следните пет години се предвидени на ниво од 5,1% од БДП за разлика од последните две децении кога во просек се движеа околу 3% од БДП. Со проектирање повеќе средства се стимулира и повисока реализација на јавни инвестиции, а со тоа се поттикнува и економскиот раст. Повисокиот раст на БДП, пак, обезбедува поголема фискална одржливост.
Нашата определба како Влада е да обезбедиме долгорочна фискална одржливост, бидејќи само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој во насока на подобрување на стандардот на граѓаните. Оттаму, постепено го намалуваме јазот помеѓу приходите и расходите во Буџетот, односно буџетскиот дефицит, за да се намалат новите потреби за финансирање, т.е. задолжување. Истовремено, внимаваме да не ѝ наштетиме на развојната компонента, бидејќизабавувањето на растот има еднакво негативно влијае врз фискалната одржливост. Напоредно дејствуваме и врз намалување на состојбата на долгот (вкупната сума на акумулиран долг низ годините), преку рефинансирање по поевтин трошок, вклучувајќи и нови видови инструменти, и креирање оптимално портфолио според трошоците и рочноста.
Еврообврзницата од 2023 година ќе се искористи за рефинансирање на онаа издадена во 2016 година
Еврообврзницата од 2016 година ќе се рефинансира преку оптимална комбинација на два инструмента, новоиздадената еврообврзница и инструментот за макрофинансиска поддршка, што ни го додели Европската комисија, при што стариот долг ќе биде вратен со пониски трошоци. Имено, иако позајмената сума на еврообврзницата од 2016 година е пониска, вклучително и каматната стапка за околу еден процентен поен, поради подолгата рочност каматниот трошокот е повисок.
Накусо, би се осврнал на аукцијата на деветтата еврообврзница. Интересот на над 100 инвеститори беше дури четирипати повисок во однос на понудената сума. Ова е одличен показател за довербата на инвеститорите во нашата економија и политиките што се водат во земјава. За планираната сума за повлекување во износ од 600 милиони евра, во конкретниов случај преку комбинација на еврообврзницата од 500 милиони евра со инструментот за макрофинансиска поддршка од 100 милиони евра, добиени се еднакви услови како и на претходната аукција на деветтата еврообврзница, којашто беше на поголема сума – 600 милиони евра, односно годишниот каматен трошок останува на исто ниво од околу 37,5 милиони евра.
За последните две еврообврзници реалната камата е негативна
Тука повторно доаѓаме до златното правило во финансиите, а тоа е дека каматата, односно трошокот што го плаќаме за позајмениот капитал, треба да биде помала од бенефитот што ќе го продуцира. Економскиот бенефит е растот на бруто-домашниот производ, коригиран за годишната инфлација (бидејќи инфлацијата ја намалува вредноста на капиталот).
Економистите можат лесно да ја пресметаат реалната каматна стапка на еврообврзниците, односно со одземање на инфлацијата од купонската камата. Така, ако анализираме за сите девет еврообврзници во годините на издавање, реалната камата на еврообврзницата издадена во 2005 година изнесувала 4,1%, во 2009 10,76%, во 2014 4,29%, во 2015 5,19%, во 2016 5,84%, во 2018 1,23%, во 2020 2,45%, во 2021 била негативна, односно -1,53%, а согласно со проекциите за 2023 година, и последната деветта еврообврзница, издадена во март 2023 година, има реална негативна каматна стапка од -0,14%. Ова значи дека за последните две еврообврзници трошокот е помал од добиениот резултат, од реалниот економски раст, односно истите имаат економска оправданост. Ако се споредат со стапката на реален раст на БДП, еврообврзниците издадени во 2021 и 2023 година имаат пониска реална камaтна стапка за 5,4 и 3,1 процентeн поен. Исто така, кумулативно анализирано за целиот период на доспевање на овие еврообврзници, соодносот е во полза на економскиот раст според макроекономските проекции. Тоа значи дека повисокиот реален економски раст во однос на реалната каматна стапка на задолжување овозможува одржлив развој и намалување на јавниот долг.
Финансиска конструкција за покривање на дефицитот и долгот што доспева во 2023 година
Потребите за финансирање за годинава се однесуваат на покривање на буџетскиот дефицит од 42,7 милијарди денари (694 милиони евра, за кој се проценува дека ќе се намали поради поголеми приливи од данокот на солидарност), како и за отплата на долгот што доспева во износ од 52,1 милијарда денари (847 милиони евра), од кои надворешен долг 36,5 милијарди денари (593 милиони евра) и домашен долг 15,6 милијарди денари (254 милиони евра).
Покрај издадената еврообврзница во комбинација со инструментот за макрофинансиска поддршка во вкупен износ од 600 милиони евра, од странство ќе се обезбедат и средства преку повлекување нова транша од кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ и преку поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии за финансирање одделни проекти и на буџетскиот дефицит. Дополнително, тука е и грантот од ЕУ во износ од 80 милиони евра, којшто ќе се искористи за финансирање антикризни мерки за граѓаните и фирмите и за инвестиции во обновливи извори на енергија.
Домашното задолжување ќе се реализира преку издавање државни хартии од вредност и домашен заем. Задолжувањето на домашниот пазар ќе овозможи оптимизација на портфолиото на јавен долг од аспект на каматните стапки и зголемување на рочноста, а планираниот сооднос со странското задолжување нема да го истисне (crowding out effect) приватниот сектор во однос на пристапот до капитал на домашниот пазар. Годинава е пренесен и депозит од минатата година во износ од 160 милиони евра, согласно претпазливите политики за управување со јавниот долг и оставање простор (бафер) што овозможува поголема флексибилност во однос на движењата на пазарите на капитал.
Над една милијарда евра за капитални расходи и антикризни мерки годинава
Во однос на расходите во Буџетот за 2023 година, ќе наведам дека покрај 800 милиони евра за капитални расходи, проектирани се и 225 милиони евра за антикризни мерки, односно само овие две намени го надминуваат буџетскиот дефицит за 330 милиони евра. За да се забрза економскиот раст со цел конечно заздравување од сите последователни кризи што ни се случија во изминатиот период, мораме да продолжиме со амбициозна инвестициска агенда.
Во изминатите години се подобри реализацијата на капиталните расходи. Минатата година имавме близу 90% реализација на проекцијата, благодарение на воспоставените механизми за поттикнување на инвестициите, како на пример, КАПЕФ. Сепак, со издвојување повисоки суми во Буџетот за капитални инвестиции се прави, исто така, притисок кон реализација на повисоки номинални суми на крајот на годината. Ова значи вбризгување средства во економијата, отворање нови работни места и забрзување на економскиот раст.
Годинава капиталните расходи се проектирани за дури 70% повеќе во однос на извршувањето во 2022 година. Како што споменав погоре, се планира една инвестициска експанзија, особено во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Покрај четирите нови автопати на коридорите 8 и 10д, издвоени се средства и за физибилити студија за изградба на патниот правец Тетово – Призрен. Ќе продолжи и изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце – Крива Паланка, делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и на западниот дел од патниот Коридор 8. Со заем од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце.
Реконструкцијата на железничката пруга на Коридорот 10 е предвидено да заврши во 2023 година, а предвидени се и средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Среднорочно, потврдено е и финансирањето на железничката пруга Кичево – Лин (Албанија) од страна на ЕБОР и ЕИБ.
Предвидени се и голем број капитални проекти поврзани со животната средина. Исто така, ќе продолжи реализацијата на Проектот за поддршка на подобрување на општинските услуги, со кој се финансираат капитални проекти во општините, како и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините. Обезбедени се и поволни заеми за финансирање проекти за управување со цврст отпад на ниво на целата држава, а ќе продолжи и изградбата на гасоводната мрежа и интерконекторот со Грција.
За здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема.
Во областа на образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура. Исто така, ќе продолжи и реализацијата на Проектот за реконструкција на студентските домови и Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта.
Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови и пренамена на веќе постоечки објекти за предучилишни институции, во 2023 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги.
Предвидени се и значителни капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
Мобилизација на приватен капитал во функција на растот
Сето ова ќе придонесе за креирање нова вредност, придвижување на економскиот раст, повисок раст на БДП, а соодветно на тоа и фискална одржливост, бидејќи на тој начин ќе се зголеми капацитетот на економијата да ги сервисира своите обврски. Истовремено, работиме на фискалната консолидација преку континуирано намалување на буџетскиот дефицит, за да на среден рок ги постигнеме таргетите утврдени со Мастришките критериуми.
И во оваа прилика би го истакнал Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој преку мобилизација на приватниот капитал, преку јавни приватни партнерства и нови финансиски инструменти неколкукратно ќе ги забрза и јавните и приватните инвестиции. Од Европската инвестициска банка обезбедени се 100 милиони евра со поволни услови за мали и средни претпријатија за зелена транзиција и ликвидност, коишто ќе повлечат дополнителни 100 до 200 милиони евра од комерцијалните банки во земјата. Нашата долгорочна цел е да обезбедиме подобри услови за живот, подобар стандард за нашите граѓани и поголема конкурентност на нашата економија, а тоа е возможно само преку реализацијата на една силна стратегија за забрзан раст. За истата цел ќе се обезбедат дополнителни 50 милиони евра и од Банката за развој при Совет на Европа.
Нови инструменти на финансирање на развојот: зелени обврзници, граѓански развојни обврзници и развојни обврзници за дијаспората
Во рамките на Буџетот за 2023 година најавивме и можност за воведување нови инструменти за негово финансирање во функција на развојот, како што се зелени обврзници, развојни и проектни обврзници, граѓански развојни обврзници и развојни обврзници наменети за дијаспората. Со овие обврзници ќе се обезбедат средства за развојни проекти, особено проекти за зелен развој кои влечат и поповолни услови за финансирање, како и можност за дополнителни грантови од Европската комисија и други развојни меѓународни институции. Со цел развој на пазарот на капитал во нашата земја и финансиска еманципација на пошироката јавност во земјата ќе се издаваат т.н. граѓански развојни обврзници како и развојни обврзници за дијаспората со што ќе се мобилизираат финансиски средства за развојни проекти и буџетска поддршка.