13 април 2023, Вашингтон – Мерките и политиките што ги спроведува РС Македонија придонесоа кон задржување на макроекономската стабилност, притоа буџетскиот дефицит забележа намалување, јавниот долг е на одржливо ниво и во рамки на Мастришките критериуми, инфлацијата покажува тренд на намалување, економијата е отпорна и во позитивна зона. Ова беше констатирано на средбите на министерот за финансии, Фатмир Бесими со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли и директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, одржани во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
„Неизвесноста и предизвиците од кризата се сѐ уште присутни во глобални рамки, а се чувствуваат и во РС Македонија. Нашата определба е да одговориме на тие предизвици на краток рок и да опстоиме на нашите среднорочни определба за фискална консолидација и забрзување на економскиот раст. Мерките што ги преземаме за справување со ценовната криза веќе покажуваат ефект, со тоа што пет месеци последователно имаме намалување на стапката на инфлација, од 19,8% во октомври на 14,7% во март. Од почетокот на годинава буџетскиот дефицит е понизок за околу 16% во однос на остварениот дефицит во истиот период претходната година, јавниот долг е на ниво од 57,1% заклучно со декември 2022 година, државниот долг на крајот на февруари изнесуваше 44,9% од БДП, вкупните приходи во Буџетот бележат раст од почетокот на годинава од околу 15%, економската активност покажува отпорност и исто така бележи раст, извозот бележи раст од 10,2% во првите два месеца од 2023 година, а стапката на невработеност се намали и е на историски најниско ниво од 14%“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека здравите и одржливи политики беа препознаени од ММФ минатата година, што резултираше со одобрување средства од Инструментот за ликвидност и претпазливост – ПЛЛ. „Тоа е поддршка на политиките што ги спроведуваме за справување со кризата и за да поставиме основа за натамошен долгорочен раст. Поддршка во време на криза, кога финансиските средства на пазарите стануваат скапи и ограничени, е сигнал до инвеститорите за здравоста на политиките“, потенцира Бесими и додава дека потврда за политиките е и големиот интерес од страна на инвеститорите на аукцијата за деветтата еврообврзница што беше издадена во текот на март 2023 година, потврдениот кредитен рејтинг од страна на агенциите Фич и Стандард и Пурс, како и интересот за странски инвестиции во земјата, кои во текот на минатата година достигнаа над 750 милиони евра, што е за над 60% повеќе во споредба со 2021 година.
Исто така, на средбата беше истакнато дека се очекува позитивно влијание од реализацијата на капиталните проекти за кои во Буџетот за 2023 година се проектирани 800 милиони евра, како и од инвестициите во индустриските зони.
На средбата министерот се осврна на реформите што се имплементираат во делот на јавните финансии, новиот Закон за буџети и поддршката што може да се добие во тој реформски процес, преку кој ќе се воспостави нов модерен систем на буџетирање, заснован на транспарентност и отчетност и алоцирање на средствата онаму каде што ќе даваат најдобри резултати.
Министерот Бесими, во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ, ќе оствари средба и со новата потпретседателка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ, Кун Давидсe.