13 април 2023, Вашингтон – Соединетите Американски Држави се стратешки партнер на РС Македонија. Земјата има континуирана поддршка од САД во остварувањето на своите приоритетни цели, демократски и економски развој и евроатлански интеграции, а досегашната поддршката од 30-годишното партнерство се проценува на 840 милиони американски долари. Постои подготвеност за зајакнување на тоа партнерство преку нови иницијативи и проекти, коешто од минатата година, со одржувањето на Стратешкиот дијалог со САД, е издигнато на ново, повисоко ниво. Можностите за соработка во делот на јавните финансии беа тема на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими со заменик-помошникот на секретарот за Европа и Евроазија во Трезорот на САД, Брајан Меколи.
„РС Македонија во изминатиот период работеше на спроведување значајна реформа во управувањето со јавните финансии. Го усвоивме новиот Закон за буџети, што значи заменување на стариот традиционален начин со нов современ начин на буџетирање, којшто се заснова на точно определени и дефинирани правила во процесот на планирање и извршување. Тоа се новините што ќе треба да се спроведат во наредниот период, а поддршката што ја нудат институциите што имаат знаење и искуство е добредојдена. Трезорот на САД нуди значајна техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, како и при справување со сивата економија, потоа во делот на развивање на финансискиот пазар, заштита на потрошувачите и слично. Таквата поддршка ќе ги зајакне капацитетите на нашите институции, пред кои стои спроведувањето на реформите, а крајна цел е економски просперитет“, рече министерот.
Тој додаде дека тие реформи истовремено се спроведуваат со имплементацијата на нови современи дигитални платформи, како што е ИФМИС – Интегриран информациски систем за финансиско управување, што е предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии и којшто ќе ја подобри ефикасноста и транспарентноста.
Бесими на средбата потенцира дека Министерството за финансии е посветено на одржување макроекономска стабилност и дека останува на определбата за одговорно управување со јавните финансии, фискална консолидација, одржливо ниво на јавен долг и инвестирање на парите во Буџетот онаму каде што ќе дадат најдобар ефект. Сето тоа е насочено кон обезбедување повисоки стапки на економски раст.
„Во таа насока е подготвен и донесен Планот за забрзан економски раст, како основа за зголемување на стапките на економски раст. Целта на Планот е да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а истовремено да се остане на зацртаниот курс за намалување на буџетскиот дефицит и да се задржи долгот на стабилно ниво. Оттаму, Планот им нуди на инвеститорите различни форми за обезбедување финансиски средства за проекти“, рече Бесими.
На средбата стана збор и за поддршка во однос на развојот на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и препораки во однос на новите инструменти што треба да се воведат на примарниот пазар на државни хартии од вредност, како и поддршка за зајакнување на капацитетите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа.
Средбата со Меколи, министерот за финансии, Фатмир Бесими ја одржа во рамки на неговата посета на САД, каде што претходно оствари средби во ООН. Од денеска тој, заедно со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, ќе учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.