Вести|

14 aприл 2023, Вашингтон – Спроведување на амбициозната реформска агенда е вистинскиот пат за враќање на долгорочните стапки на раст во земјава. Фокусот на политиките е насочен кон обезбедување одржливост на јавните финансии, отпорност на шокови, зелена транзиција, дигитализација, воведување иновативни решенија, зајакнување на човечкиот капитал и слично. Приоритетите се дел и од напорите на земјата за зачленување во ЕУ, обезбедување подобар животен стандард за граѓаните и олеснети услови за бизнис. Ова  беше посочено на средбите на министерот за финансии со новата потпретседателка  на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и  извршниот директор на СБ, Кун Давидсe, коишто се одржаа во рамки на Пролетните средби на СБ и ММФ во Вашингтон.

„Приоритетите што се дел од владината реформска агенда се комплементарни со програмите што ги спроведуваме со нашите поддржувачи – ЕУ, ММФ и СБ. Тие се меѓусебно поврзани, со крајна цел да обезбедиме инклузивен раст. Постојната Стратегија со Светска банка за периодот 2019-2023 година е посветена на  поддршка на општинската инфраструктура, изградба на патиша, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор и во основното образование. Приоритетите што ќе бидат дел од натамошната соработка со Светската банка ќе бидат дефинирани во согласност со веќе усвоените правила за мерење на резултатите“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додаде дека со реформата што се спроведува во управувањето со јавните финансии веќе се воспоставија фискалните правила, коишто се однесуваат на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и индикаторите на успешност, односно инвестирање на парите онаму каде што ќе дадат најдобри резултати. Законот за буџети веќе е усвоен. Исто така, со Светска банка се работи и на воспоставување на новиот Интегиран информациски систем – ИФМИС, којшто произлегува од Законот, како и на зајакнување на човечкиот капитал, а за што е изработена Стратегија за развој на човечкиот капитал.

Според министерот, кризите со кои се соочивме во изминатиот период, како што се корона-кризата и енергетската и ценовната криза, ги детектираа дигитализацијата, вложувањето во човечки капитал и енергетиката како области во кои треба да се насочат инвестициите, а кои на крајот ќе испорачаат подобри економски резултати.

Досега за земјава, Светска банка има обезбедено техничка и финансиска помош за 65 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари. Во моментов се работи на 9 проекти во вредност од 404 милиони американски долари. Поддршката во наредниот период ќе биде насочена кон одржлив развој на општините, квалитет на воздухот, дигитална економија, како и  справување со енергетската криза.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *