14 април 2023, Вашингтон – „Во преговори сме со Светската банка за обезбедување финансиски средства преку инструментот ДПЛ или заем за развојни политики“, најави министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој учествува на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, во изјава за „Сител“. На овој начин во домашната економија ќе се внесе свеж капитал по исклучително ниски каматни стапки, какви што имаат развојните инструменти на меѓународните финансиски институции, што е од големо значење имајќи го предвид затегнувањето на финасиските услови на меѓународните пазари што доведува до раст на цената на капиталот.
Еден од начините за прудентно управување на долгот и фискална консолидација е финансирање на дефицитот и рефинансирање на старите долгови по пониски трошоци, односно по пониски каматни стапки. Во таа насока, Министерството за финансии оптимално управува со портфолиото и по однос на трошок за сервисирање на заемите и по однос на рочност, а со цел обезбедување одржливост во сервисирањето на обврските. Во оваа насока е и двегодишниот аранжман ПЛЛ со ММФ, кој нашата земја го потпиша минатата година, а се доделува исклучиво на држави со здрави економски фундаменти, коишто спроведуваат и се очекува и понатаму да спроведуваат здрави економски политики.
„Дополнителен ефект од инструментот ПЛЛ е што овозможува преговарање за нови програми со поволни услови за поддршка на политики и реформи. Една од нив е макрофинансиска поддршка од ЕК во износ од 100 милиони евра, којашто е веќе одобрена, како и преговорите со Светска банка за ДПЛ“, истакна министерот Бесими.
Во однос на очекувањата за остварувањата во економијата за годинава, министерот посочува дека реализацијата на приходите во Буџетот, економската активност и другите економски индикатори укажуваат дека втората половина од 2023 година ќе биде поуспешна.