Вести|

18 мај 2023, Скопје – Република Северна Македонија континуирано спроведува реформи коишто се дел од исполнувањето на евроатланската интеграција. Од почетокот на преговорите минатата година се работи со нова динамика во спроведувањето на реформите, иако дел од енергијата беше насочена кон справување со предизвиците од енергетската и ценовната криза. Земјата го продолжува својот реформски пат, којшто претставува висок приоритет во владините програми, и е заеднички усогласен со Европската Унија преку Економскиот и финансиски дијалог и воедно ги зајакнува капацитетите за спроведување на тие реформи. Ова беше посочено на денешната средба што се одржа во Скопје помеѓу  министерот за финансии, Фатмир Бесими и Герт Јан Копман и Михаела Матуела од Директоратот за соседство и преговори за проширување на ЕК.

„Неделава во Брисел го завршивме деветиот циклус од Економскиот и финансиски дијалог со ЕУ, којшто се спроведува со земјите од Западен Балкан и Турција, и ги усвоивме заедничките заклучоци што се однесуваат на насоките за политиките за наредната година. Заедничките заклучоци преточени во политики и мерки ќе станат дел од програмите и од Буџетот за наредната година. Тоа е процес што нè доближува до економските критериуми на ЕУ и дополнително нè  подготвува во претпристапниот процес. Во тие рамки нè прави и поподготвени за искористување на финансиските инструменти што ни стојат на располагање како земја кандидат за членство во Унијата“, рече министерот за финансии.

Тој се осврна на економските политики на земјата и мерките што се преземаат за управување со јавните финансии и фискална консолидација. Воедно ги истакна и конкретните активности предвидени со новиот Закон за буџети, новата Фискална стратегија со петгодишни проекции, даночните реформи и слично.

На средбата беше истакнато дека даночните реформи што се темелат на Стратегијата се во насока на зголемување на ефикасноста на наплатата на даночните приходи преку проширување на даночната основа и создавање фискален простор за спроведување активна политика за стимулирање на инвестициите и забрзан економски раст. Овие реформи се во согласност со препораките на ЕУ и меѓународните финансиски институции кои укажуваат на потребата од обезбедување поголема вертикална и хоризонтална правичност на даночниот систем и проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања.

Исто така, беше посочено дека определбата за фискална консолидација продолжува преку поддршка на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.

Соговорниците се осврнаа и на финансиските инструменти што ѝ стојат на располагање на земјата како аспирант за влез во ЕУ, за поддршка на реформите и спроведување на инвестициските проекти, како и за мерките за поддршка во справувањето со енергетската и ценовната криза. Стана збор и за можноста за користење макрофинансиска поддршка од страна на ЕУ, за што се веќе во тек активности.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *