Вести|

18 мај 2023, Скопје – Прашањето за платите во јавниот сектор ќе се реши со системско одржливо решение кое во иднина нема да остава простор за фрагментирани решенија во системот и користење за политички цели. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостувањето во дневникот на МРТ.

„Станува збор за голема реформа што не може да се реши ад хок, туку ќе се решава системски, преку дијалог со Синдикатот како партнер во овој процес. Клучно е што со ова решение се настојува да се надмине состојбата која создава парцијални решенија кои поттикнуваат незадоволства. Сега се обидуваме да го надминеме тоа, преку дијалог во Економско – социјалниот совет, со цел да дојдеме до најоптимално решение. Имаме солидна основа да изнајдеме системско и одржливо решение, решение кое ќе важи за сите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и вработените во Министерството за финансии и во другите институции каде што постојат разлики“, рече Бесими.

Тој истакна дека Владата дава поддршка за решавање на ова прашање и дека системот што ќе се прифати ќе биде имплементиран во Буџетот. Притоа напомена дека не станува збор за замрзнување на платите на вработените во јавниот сектор. Напротив, како што рече, во изминатите години имаше раст на платите во обрзованието, безбедносните структури, судството, инспекторатите, здравството и други сфери, а раст има и во тековната година.

„Тоа ќе биде систем што ќе се применува по сила на закон и нема да има потреба од преговори и нема да се користи за политички поени. Ова прашање ќе се реши со сличен пристап како и минималната плата, за која воспоставивме систем и веќе оваа година никој не го поставува тоа прашање. Минималната плата, по сила на закон, имаше раст во март оваа година и тоа ќе следи и во иднина“, рече министерот и додаде дека во рамки на дијалогот со синдикатите се блиску до утврдување на методологијата“, рече Бесими.

Во интервјуто министерот се осврна и на најавеното издавање граѓанскаобврзница, за која рече дека нема негативно да влијае врз депозитите во банките и дека улогата на оваа обврзница е да придонесе во развојот на економијата. „Средствата од граѓанските обврзници се предвидени во Буџетот за 2023 година и тие ќе се користат за финансирање капитални проекти“, рече тој и додаде дека засега нема промени во однос на проекциите за економскиот раст, дека се следи реализацијата, но неизвесноста доаѓа од развојот на состојбата во Украина и нејзиното влијание врз економијата во ЕУ, која е наш најголем трговски партнер.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *