15 јуни 2023, Скопје – Државата го крати рокот за намирување на обврските кон приватните компании на 30 дена. Законските измени со кои се регулира ваквата обврска го подготви Министерството за финансии, а го усвои Собранието во рамки на 117-тата седница.
Со донесениот Закон се скратуваат роковите во кои субјектите од јавниот сектор, чии сметки се во рамките на трезорот на Министерството за финансии и трезорот на Фондот за здравствено осигурување, се должни да ги поднесат барањата за плаќање на достасаните фактури кон економските оператори до трезорот на Министерството за финансии и до трезорот на Фондот за здравствено осигурување, како и роковите во кои Министерството за финансии, односно Фондот за здравствено осигурување ќе ја вршат исплатата на средствата на кои гласат доставените фактури.
Скратување за 30 дена има и на плаќањата на јавниот сектор чии сметки се во рамки на Трезорската сметка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кои сега изнесуваат 90 дена. Со измените се предлага обврските на овие субјекти да се плаќаат за 80 дена, од јануари 2024 година за 70 дена, а веќе од јануари 2025 година за 60 дена.
Со законските измени рокот за исплата на обврските на државата кон приватниот сектор се сведува на 30 дена. Предвидено е постепено намалување на рокот на плаќање на обврските на субјектите од јавниот сектор чии сметки се во рамки на Трезорската сметка на Министерството за финансии. Така, рокот од 60 дена првично се намалува на 50 дена, од 1 јануари 2024 дополнително ќе се намали за уште 10 дена и ќе изнесува 40 дена, а од јануари 2025 година тој ќе биде 30 дена.
„На ваков начин се создава предвидливост за компаниите и се поддржува ликвидноста на стопанството. Ова е особено значајно за компаниите во услови на економска криза“, оценува министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Измените претставуваат усогласување со Директивата 2011/7/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 16 февруари 2011 година за сузбивање на задоцнетото плаќање при трговски трансакции, во којашто роковите за измирување на обврските на субјектите од јавниот сектор изнесуваат 30 дена, а во здравствениот сектор 60 дена.
Законот за финансиска дисциплина кој се применуваше досега е на сила од мај 2014 година и со него се обезбедува сигурна наплата на побарувањата и ликвидност на компаниите.