Колумни|

јули 2023, Скопје – Државните обврзници се стабилна и безризична инвестиција и начин за сигурно штедење. Но, финансиските советници започнаа сѐ повеќе да ги препорачуваат како одлична можност за инвестиции и заради сѐ поповолните услови што се нудат за нив. Аналитичарка на Блумберг, со својата оценка, отиде дотаму што ги нарече државните обврзници „нешто повеќе“ од привлечни. Аукциите на државните обврзници станаа толку интересни, што започнаа да го „рушат“ интернетот. Имено, кон крајот на минатата година, Министерството за финансии на САД буквално го урна интернетот со аукцијата на едногодишната обврзница „ај бонд“ (I Bond), кога илјадници граѓани ја блокираа нивната веб-страница, обидувајќи се да купат обврзници. Дури и инвестициските одлуки на Ворен Бафет покажуваат дека државните обврзници се посакувани во секое инвестициско портфолио.

Добрите, сигурни државни хартии од вредност, со промената на монетарната политика на централните банки во светот и затегнувањето на финансиските услови, станаа посакувана инвестиција, која носи повисоки приноси во однос на многу други финансиски производи. Така на пример, ако американските обврзници пред кризата носеа принос понизок од 1%, сега тој изнесува 4% или 5%. Глобалните услови упатуваат на поволен период за инвестиции во овој вид хартии од вредност.

Сега да се вратиме на нашиот пазар на капитал. Иако малку развиен, карактеристичен за економија во развој, изминатата недела имавме значаен чекор напред во неговиот развој, поточно во развојот на пазарот на хартии од вредност, преку издавањето на Проспектот за првата аукција на граѓански обврзници. Граѓанските обврзници се државни хартии од вредност, наменети за граѓаните, чија цел е мобилизација на средствата од приватниот сектор (домаќинствата), создавање нова можност за штедење и инвестирање од страна на физичките лица, како и развој на пазарот на хартии од вредност.

Првата аукција на граѓански обврзници во земјата ќе се одржи на 13 јули 2023 година. Аукцијата е со вредност од 600 милиони денари, со номинална вредност на една обврзница од 10.000 денари, рочност од две години и купонска камата на целиот износ од 5%. Граѓаните веќе можат да дадат барање за купување на овие обврзници во комерцијалните банки низ земјава и да ја уплатат сумата што сакаат да ја инвестираат. Во текот на следните две недели службите на Министерството за финансии ќе бидат на располагање да ги информираат граѓаните и да им помогнат при процесот на инвестирање во обврзниците. Оваа колумна, исто така, ја ставам во функција на информирање на јавноста, преку образложување на петте причини зошто да се инвестира во оваа хартија од вредност.

 

Прва причина: Исклучително поволна каматна стапка

 Со купонска камата од 5% и рочност од две години, во моментов граѓанската обврзница е една од најповолните хартии од вредност на пазарот, но и помеѓу финансиските производи воопшто. Ќе се обидам пластично да го објаснам тоа преку следниот пример: граѓанската обврзница има купонска камата, поточно каматата што државата му ја плаќа на имателот се исплаќа повеќекратно, во согласност со утврдените рокови во Проспектот. Во случајот со граѓанските обврзници понудени на оваа аукција, каматата ќе му се исплати на имателот на 20.7.2024 и 20.7.2025 година. Тоа значи дека, доколку некој сега инвестира 100.000 денари,  државата ќе му исплати камата по 5.000 денари на наведените датуми, или вкупно 10.000 денари за две години, што е 10% од вредноста. При истекот на рокот на обврзницата, државата му ја враќа на граѓанинот целата сума што ја инвестирал. Една обврзница има вредност од 10.000 денари и тоа е минималниот износ што може да се инвестира. Исто така, граѓаните ќе имаат можност да тргуваат со обврзниците на секундарен пазар, и тоа преку банките или директно на берза, доколку има понуда и побарувачка за нив.

 

Втора причина: Сигурна инвестиција

 Инаку, меѓу инвеститорите државните хартии од вредност се познати како најсигурен инвестициски инструмент, бидејќи државата стои зад нив како издавач и ја гарантира нивната сигурност и сигурноста на приносот. Би сакал да истакнам дека од 2004 година, кога Министерството за финансии започна да издава државни хартии од вредност, за нив секогаш постоел висок интерес од страна на институционалните инвеститори – банките и фондовите. Ова доволно говори за квалитетот на овие хартии од вредност. Сега и граѓаните ќе можат да ги ползуваат овие придобивки преку инструмент кој е дизајниран специјално за нив, со исклучително поволни услови и во поглед на рочноста и во поглед на каматата. Граѓанските обврзници нудат сигурност и од друг аспект, а тоа е заштита на заштедите на граѓаните од ефектите на инфлацијата.

 Процедурата за инвестирање во граѓанската обврзница е исклучително едноставна. Граѓаните треба да појдат во некоја од комерцијалните банки и да поднесат барање за учество на аукцијата, а потоа и да го уплатат паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Барањето треба да биде доставено до банката најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата. По завршување на аукцијата барателите склучуваат договор и обврзницата се запишува на нивно име, а потоа, како што доспеваат роковите, им се исплаќа каматата.

 

Трета причина: Проширување на инвестициското портфолио преку развиен пазар на капитал

 Со инвестиции во граѓанската обврзница ќе се прошири инвестициското портфолио и ќе се диверзифицира ризикот на заштедите на граѓаните. Односно, тие ќе станат директни учесници на пазарот на капитал каде што ќе можат да одлучуваат за своите инвестиции и тоа ќе стане дел од навиката за управување со сопствениот капитал во иднина.

Воведувањето на граѓанската обврзница претставува новина во јавните финансии и на финансискиот пазар кај нас. Таа е предвидена во нашите стратешки документи, Стратегијата за развој на финансискиот пазар и Планот за забрзување на економскиот раст, со што ќе се овозможи и мобилизација на средства од приватниот сектор во равојот на земјата, слично на Јункеровиот план и други примери во развиените земји за што веќе имам пишувано претходно во моите колумни. Во истата насока е и нашиот национален План за забрзување на економскиот раст, кој предвидува амбициозна инвестициска агенда на подолг период преку координирано дејство на јавниот и приватниот капитал. Во Планот се предвидуваат и конкретни механизми како да се поттикне инвестициската активност од страна на приватниот сектор, како што се јавните приватни партнерства, Гарантниот фонд, но и нови видови државни хартии од вредност, кои, секоја согласно својата намена, ќе придонесат за постигнување одделни општествени цели.

Покрај граѓанските обврзници, планирано е и издавање развојни обврзници кои ќе имаат за цел да го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата, а ќе бидат наменети за банките, пензиските фондови и други институционални и правни инвеститори, но и за физички лица. Планирани се и зелени обврзници, кои ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и за финансирање еколошки проекти. Преку проектни обврзници, пак, ќе се обезбеди алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктурата, со кои институционалните инвеститори ќе можат да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност.

Сето ова ќе придонесе за развивање на пазарот на капитал во земјава, а со тоа и на инвестициската активност. Инвестициската активност, пак, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст.

 

Четврта причина: Борба со сивата економија

 За крај оставив една многу важна придобивка од граѓанските обврзници – борбата со сивата економија. Сивата економија е еден од главните структурни проблеми кај нас. Имено, процените покажуваат дека скоро една третина на домашниот БДП го „јаде“ сивата економија, која на сите ни ускратува подобри услови за живот, јавни услуги, јавни добра итн. Главен двигател на сивата економија е готовината, односно немањето евиденција за нејзиното движење, што овозможува избегнување на плаќањето давачки. Наша цел е преку граѓанската обврзница да ја намалиме готовината во оптек, да ги поттикнеме граѓаните да ги извадат своите заштеди од фиоките и да заработат на нив. Граѓаните, покрај со своите средства во банка, ќе можат да купуваат обврзници и со готовина на шалтерите во комерцијалните банки во земјава, согласно важечката законска регулатива, почитувајќи ги сите меѓународни стандарди за борба против перење пари и финансирање тероризам.

 

Петта причина: Инвестирање во подобро утре, економски раст и развој

 Како што може да забележи читателот, прво започнав да ги набројувам придобивките од граѓанската обврзница за поединецот – граѓанинот. И следната придобивка „инвестирањето во подобро утре“ се однесува на личната корист, меѓутоа тоа е придобивка и за добробит на целото општество. Во едно неодамнешно интервју, новинарката ми постави прашање дали инвестициите во хартии од вредност на други држави е подобра инвестиција за македонските граѓани. Ова прашање допира до самата суштина зошто Владата се одлучи на овој чекор, односно да издаде граѓанска обврзница. Ако ние не им понудиме опција за вложување на граѓаните, тогаш тие своите средства ќе ги вложат надвор. Во тој случај таа друга држава ќе има средства да инвестира во сопствената инфраструктура и други јавни добра, ќе се развива и ќе им обезбеди подобар стандард и подобри услови за живот на нејзините граѓани.

Да објаснам поблиску, средствата од граѓанската обврзница се наменети за буџетска поддршка, што значи дека тие ќе се искористат за сервисирање на тековните потреби, но и за развојните ставки во Буџетот. Со оглед на фактот дека во Буџетот за 2023 година дефицитот е понизок од капиталните расходи, согласно фискалното златно правило, со граѓанските обврзници ќе се финансираат развојни проекти, а со тоа ќе се поттикне и економскиот раст. Со други зборови, средствата што ги инвестираат граѓаните во граѓанската обврзница ќе завршат во стопанството. Со инјектирање средства во стопанството, тоа ќе произведува и ќе креира додадена вредност, ќе ја зголеми својата продуктивност, ќе инвестира, ќе отвора нови работни места, ќе плаќа даноци кон државата, која, пак, ќе има повеќе средства за инвестиции во капитални проекти, во унапредување на јавните услуги и подобрување на животот на граѓаните. Тоа е кругот во кој се наоѓаме сите и обезбедувањето подобро утре зависи од сите нас.

Ова се дел од придобивките од граѓанската обврзница, а ги има уште многу. Се радувам што голем дел од граѓаните ги препознаваат и веќе постои голем интерес, дури и пред да ја видат каматната стапка (личната придобивка). До аукцијата има две недели, оставивме повеќе простор во однос на редовните аукции на Министерството за финансии, за да имаат време граѓаните да достават барање. Во меѓувреме, ќе продолжиме да информираме за да ја олесниме постапката.

Имајќи ги предвид горенаведените придобивки би подвлекол дека инвестирањето во граѓанската обврзница е „нешто повеќе“ од само привлечна инвестиција. Тоа е безбедна инвестиција за подобра иднина, за сите наши граѓани што живеат тука или се во дијаспората. Граѓаните ќе остварат лични придобивки, а во исто време ќе придонесат кон општото добро и развојот на земјата. Како што рекол големиот американски претседател Џон Ф. Кенеди: „Не гледај што може твојата земја да направи за тебе, туку што можеш ти да направиш за својата земја“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.